По серијата земји ширум светот кои веќе воведоа или најавуваат строги забрани и ограничувања за користење на социјалните мрежи за деца и малолетници, оваа тема сè погласно се отвора и кај нас. Дигиталниот свет, кој нуди бесконечни информации, сè повеќе се посочува како главен виновник за намаленото внимание, анксиозноста и дефокусот кај најмладите. ТВ Тера направи анкета меѓу битолчани – поддржуваат ли граѓаните ваков чекор и во Македонија?
„Апсолутно поддржувам. По цел ден се на телефоните, гледаат сè и сешто, а тоа негативно им се одразува и на училиште и на психата.“
Екраните ги заменија детските игралиштиња, а лајковите и прегледите станаа главно мерило за вредност кај младите генерации. Додека голем број европски и светски земји носат закони со кои се ограничува пристапот до социјалните мрежи за лица под одредена возраст, прашавме што мислат битолчани за овој глобален тренд.
„Мислам дека и кај нас треба итно да се ограничи употребата. Последиците се веќе видливи – немаат концентрација, се изолираат од друштво и живеат во некој лажен свет.“
Експертите со години алармираат за негативните последици од прекумерната дигитализација врз развојот на децата. Зависната природа на алгоритмите, сајбер-малтретирањето и изложеноста на несоодветна содржина се само дел од причините поради кои битолчани сметаат дека Македонија не треба да чека, туку да преземе конкретни чекори за заштита на најмладите.











