Деновиве улица Солунска доби нова хоризонтална сигнализација. Улицата повторно е двосмерна, но , сега има три сообраќајни ленти, едната посветена на контејнерите.

Затоа што добро е што улицата доби нова сообраќајна сигнализација. Три ленти соодветно обележани со стрелки за насока на движење. Во основа треба да овозможат побрз и поефикасен проток на возилата. Но, реалноста на теренот покажува сосема друга слика: сообраќаен апсурд со кој секојдневно се соочуваат возачите низ битолските улици, и тие во употреба и тие кои чекаат на технички прием.
Стандардната ширина на една сообраќајна лента за градски услови изнесува меѓу 2,75 и 3,25 метри. За да функционира улица со три ленти, потребна е корисна ширина на коловозот од најмалку 8,5 до 9,5 метри, и тоа без притоа да се сметаат паркираните возила или каков било друг препречен простор.

Познавачите велат, на оваа локација, профилот на улицата е речиси максимално искористен. Но, дури и да претпоставиме дека ширината задоволува минимални стандарди, организацијата на просторот паѓа уште на првиот практичен испит.

Главниот проблем не е само бројот на лентите, туку она што се наоѓа на самиот коловоз. На улицата се поставени дури две групи контејнери за отпад: жолти, сиви и зелени контејнери поставени таму затоа што другото решение е да бидат поставени на тротоар. Со вака поставени контејнери, за возачите кои се движат во тој правец физички е невозможно да поминат без да ја преминат непрекинатата (полна) бела линија или да влезат во соседната сообраќајна лента. Возачите се ставени во невозможна ситуација:
Или да застанат и да чекаат непрегледно време,
Или свесно да направи сообраќаен прекршок газејќи ја полната лента за да ја заобиколат препреката.

Ако „Комуналец“ односно Општината не ги среди работите , повели, положи возачки испит тука да те видам!

Ова последно сообраќајно решение е уште еден показател дека надлежните институции мора да ги усогласат комуналните работи со сообраќајната сигнализација, пред секојдневната импровизација да резултира со сообраќајна караница.











