Спомен-обележјето на Јонче Христовски во центарот на Битола требаше да биде ново место за потсетување на еден од најпознатите битолски и македонски музички автори и интерпретатори. Наместо завршен простор, денеска околу споменикот гледаме ископи, купишта земја, кабли и недовршена инфраструктура. Прашањето е кој го обезбедува просторот додека траат градежните работи и дали тој е доволно безбеден за граѓаните?

На теренот се поставени метални заштитни огради, но нивната уредна поставеност ( една врз друга во градилиштето) отвора прашање дали навистина е ограден целиот простор во кој се изведуваат работите.
Дел од ископаните канали остануваат видливи, а низ просторот се протегаат кабли и инсталации. Жолтата лента што се забележува на теренот упатува на телекомуникациски кабел, но за каква точно инсталација станува збор треба да одговори надлежниот оператор или изведувачот.

Она што е видливо за граѓаните е дека просторот не остава впечаток на завршено и уредено градилиште.
Особено прашање е безбедноста по стемнување. На просторот не забележуваме соодветна сигнализација или светлосно предупредување кое од далеку би покажало дека станува збор за зона во која се изведуваат градежни работи и каде има ископи.
А локацијата не е периферна. Спомен-обележјето се наоѓа во непосредна близина на Старата битолска чаршија, на простор низ кој секојдневно минуваат голем број пешаци.
Споменикот
на Јонче Христовски е иницијатива на Стопанска банка АД Битола, најавена во 2023 година по повод 75-годишнината од основањето на банката. Во декември истата година, Советот на Општина Битола донесе одлука со која е одобрено неговото поставување. Спомен-обележјето е лоцирано на влезот во Старата битолска чаршија, во близина на мостот на реката Драгор, а изградбата започна во октомври 2025 година. Денеска, три години по донесувањето на одлуките, споменикот се уште е во градежна фаза.











