Вештачката интелигенција зема голем замав во светот и се користи речиси на секое поле.
Според познавачите, вештачката интелигенција ќе доведе до големи промени кои вклучуваат преквалификација, исчезнување на одредени работни места, како и отворање на нови.
Вештачката интелигенција ќе биде дополнителна и помошна алатка во бизнисот а во некои случаи ќе ги замени луѓето, особено во производниот и организациски аспект.
Ги прашавме граѓаните што мислат, кои работни места први ќе бидат заменети од вештачката интелигенција?

„Претпоставувам нешто што е поврзано со компјутери. Тука мислам најмногу на програмерите. Јас лично имам искуство со тоа, можам да генерирам код, само со пишување на текст. Отприлика една година ја користам вештачката интелигенција, не од овој аспект за програмирање туку сметам дека би можело да се замени“, вели анкетиран битолчанец.

„Технологијата најверојатно, ИТ секторот. Мислам дека не е толку важна вештачката интелигенција, иако на момент е толку форсирана, мислам дека човечкиот ум може повеќе да придонесе отколку вештачката интелигенција“ вели граѓанка.
„Се што најлесно може да се замени, во фабриките и оние што работат со компјутери. Јас не користам толку вештачка интелигенција“ вели анкетирана битолчанка.

„Не сум доволно информиран за вештачката интелигенција кои работни места ќе бидат заменети. Мислам дека природната интелигенција не може да се замени. Се што е вештачко, е составено од некое знаење на еден, двајца, на десет луѓе ама тоа не може да биде доволно, колку што самиот човек ќе размисли и ќе направи нешто“, вели граѓанин на Битола.
Инаку, експертите велат дека со оглед на брзите промени во ерата на дигитализацијата, не може со сигурност да се каже кои работни места се загрозени или не се загрозени, и дека не е лесно да се одговори на ова прашање, бидејќи вештачката интелигенција е само една од низата големи промени а секоја новина на патот на развојот носи и нови потреби за нов тип на работна сила, велат познавачите.












