Откако вниманието на јавноста во Битола го привлече случајот со ученик од ОУ Стив Наумов во Битола кој им се заканувал на своите соученици, а за што вчера изјава за ТЕРА телевизија даде и директорот на училиштето, синоќа се огласи и Училишен одбор на ООУ„Стив Наумов“ – Битола.
Од таму информираат дека е одржана вонредна седница и како орган на управување во училиштето, согласно надлежностите и обврските утврдени со Законот за основно образование, се дискутирало за информациите и реакциите кои се појавија во јавноста во врска со како што велат настан поврзан со ученик од училиштето кој преку социјалните мрежи објавувал недолични и заканувачки пораки кон неговите соученици и нивните родители.
На седницата едногласно биле донесени следниве заклучоци:
-Училиштето веќе ги презеде сите потребни чекори согласно Законот за основно образование и обврските што ги има како воспитно – образовна институција.
-Училиштето навремено ги извести сите надлежни органи кои треба понатаму да го следат и да го решаваат случајот.
-Од страна на училиштето, до СВР Битола е побаран мониторинг и заштита, а навремено е одобрена поддршка од полиција (постојан мониторинг од страна на цивилни полициски службеници додека трае наставниот процес во училиштето).
Во постапувањето по случајот е вклучен и Центарот за социјални работи.
На седницата присуствуваа сите надлежни педагошки служби од училиштето.
Од училишниот одбор велат дека нема место за паника во однос на безбедноста на учениците додека трае наставата и апелираат да не се прифаќаат како вистинити непроверени информации и шпекулации.











