Државниот пазарен инспекторат распоредил 30 мобилни тимови кои вршат засилен надзор и врз производителите, се до трговците, за да се спречат евентуални злоупотреби од нивна страна, изјави министерот за економија, Бесар Дурмиши, одговарајќи на пратеничко прашање за поскапувањата на основните производи.
До овој момент, како што рече министерот, не се утврдени енормни зголемувања на цените.
„Испраќаме јасна порака дека нема да има толерирање на неосновано покачување на цените или маржите на добивка. Доколку пристигнат индикации за необјасниви поскапувања, подготвени сме веднаш да реагираме“ истакна министерот за економија Дурмиши.
Тој посочи дека глобалните пазарни потреси неминовно влијаат врз домашниот пазар, но, државата реагирала навреме со намалување на данокот на додадена вредност за нафтата од 18 на 10 проценти, како и со континуирано следење на цените на прехранбените производи.













