Жестока дискусија меѓу советниците од опозициската СДСМ и мнозинството предводено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се водеше на денешната осма седница на Советот на Општина Битола за Зоолошката градина во Битола.

„За гуштери, змии и инсекти ние ќе потрошиме 169 илјади евра. Изградба на објект за копитари во Зоолошката градина ќе не кошта 185 илјади евра. Ова ми личи со анегдотата со Марија Антоанета, француската кралица која живеела во огромно изобилие во Париз и кога неа и кажале дека луѓето гладуваат, дека немаат леб, таа им рекла, па нека јадат колачи“ рече од говорницата, Софија Ристевска Петрушева, советник на СДСМ.
Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски се спротивстави на ваквите обвинувања на СДСМ и посочи дека во времето кога на власт биле од СДСМ, шајка не била ставена во Зоолошката градина во Битола.

„Живеалиштата се прават по стандарди на Европска асоцијација на Зоолошки градини и аквариуми. Без тие стандарди, не смее да се реновира Зоолошката градина. Кога СДСМ беа локална власт во Битола, шајка немаа закоено во Зоолошката градина. Дури и оние информативни паноа што беа таму од Европскиот проект за прекугранична соработка, четка една немаше СДСМ клаено во Зоолошката градина“ возврати Бојан Бојкоски, претседател на Советот на Општина Битола.
Измените и дополнувањата на Програмата за развојни планови на Општината Битола за периодот од 2026 до 2028 година доби поддршка од 16 советници на владејачката Коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додека девет советници гласаа против.












