Нов мурал ќе го украси центарот на Битола. Деновиве во близина на градскиот пазар, на една од зградите во сообраќајно најфрекветната зона на градот отпочна цртањето на нов мурал. Муралот е подарок од австралиската амбасада.
„Тука сум за да нацртам мурал на покана на Австралиската амбасада, која слави 20 години дипломатски односи со Македонија.Ова е културен подарок од австралиската амбасада. Ја избраа Битола бидејќи многу луѓе во Австралија доаѓаат токму од Битола.“-вели Финтен Мегеј, уметник од Австралија.
Ова е прилика битолчани во живо да видат како се црта мурал на голема височина. Подготовките се веќе завршени, а процесот на цртање на муралот е отпочнат.
За ваквиот уметнички потег не е доволен само талент, туку и соодветна механизација со чија помош уметникот успева да стигне до највисоките точки на зградата, каде што финално треба да се протега неговата сликарска замисла.
Од она што може да се види на новиот мурал во центарот на Битола ќе доминираат цветни мотиви, а како што ни појасни австралискит уметник се работи за македонски и австралиски цветови карактеристични за двете земји.
Графититите се несомнено шарениот и ведар лик на Битола. Можност за талентираните уметници да го разведрат секојдневнието и да внесат уметност во градското живеење.



















