ТЕРА

REKLAMA???

Дали Битола ќе има енергетски план

На 126 страници, општина битола го изработи својот општински енергетски план за 2026 година, документ што утре ќе се најде пред советниците на 6-та седница на советот. Седницата се одржува токму на денот на крајниот рок што министерство за енергетика ѝ го постави на општината за негово усвојување и објавување во службен весник.

Со разгледувањето на овој обемен документ, Советот на Општина Битола утре ќе треба да одлучи дали градот навистина е подготвен за забрзана енергетска транзиција – или планот ќе остане само уште еден документ усвоен во последен момент.  Утре на седница советниците мора да го усвојат, меѓу другото и затоа што во согласноста од Министерството се препорачува негово целосно објавување во Службен Гласник не подоцна од 26 февруари.

Прифатениот Општински енергетски план е  стратешки, но и оперативен документ, кој јасно покажува каде е општината денес, каде сака да стигне и како ќе стигне таму.

Содржи целосна анализа на состојбите, со список на желби и ризици за нивна реализација и предвидува неколку сценарија за 2026 година за кои би биле потребни од 32 илјади евра до над 1 милион евра за најамбициозното сценарио.

Битола има развиената преносна и дистрибутивна инфраструктура, може да ја игра улогата на енергетски центар, проектот за топлификација од РЕК Битола, високиот соларен потенцијал во Пелагонија и постоењето стручен инженерски кадар – се дефинираните силните страни на градот.

Застарената технологија и ниската ефикасност на блоковите во РЕК Битола, големата зависност од јаглен, слабата енергетска ефикасност на станбениот фонд и ниската стапка на гасификација во градот. – се вброени во слаби страни.

Сепак, планираното напуштање на јагленот до 2030 година, ризиците по локалната економија, и енергетската сиромаштија  се дел од ризиците, но од аспект на општината еден од главните ризици е можното доцнење во изградбата на секундарната мрежа за топлификација, и можното масовно инсталирање на фотоволтаици  и недоволно знаење за обновливи извори на енергија.

Планот ги утврдува и приоритетите за 2026 година за општина Битола:  воспоставување енергетски менаџмент и базна линија, брзи мерки за енергетска ефикасност (LED осветлување, регулација на греење и ладење), пилот-кровни фотоволтаици на јавни објекти и паралелна програма против енергетска сиромаштија.

Усвојувањето на општински енергетски план е во директна врска со општинскиот буџет, можноста за користење на пари од европските фондови и банки и од државните планирани за оваа намена.

Доколку советниците, исправени пред свршен чин, не го изгласаат предложениот план, општина Битола ќе остане без легитимна енергетска политика и пари за проекти што упатуваат на енергетска транзиција.