Директорката на Центарот за култура во Битола, Маја Андоновска-Илијевски денеска соопшти дека поднесе оставка на функцијата.
„По шест години и шест месеци исполнети со посветеност, визија и љубов, денес официјално ја напуштам функцијата директор на Националната установа Центар за култура – Битола и се враќам на сцената на Битолскиот театар, каде што започна мојата актерска кариера.
Поднесување оставка е тежок личен чин, кој го правам со длабока анализа, размислување и проценка на состојбите и причините кои водат до него.
Во текот на овој период, со мојот исклучителен тим од вработени и надворешни соработници, заедно покажавме и докажавме дека културата е најсилниот амбасадор што нѐ претставува пред светот. Со професионален пристап и искрена страст, успеавме да ги редефинираме границите на можностите и да покажеме дека културата дека културата во Македонија може да се носи со сите светски текови и правила, жива е, моќна е и неизмерно вредна. Низ нашите сали поминаа илјадници посетители, реализиравме бројни настани, ја зајакнавме позицијата на интернационалните фестивали со долга традиција, но и инициравме два нови , интернационални филмски фестивали. Со гордост можам да кажам дека 3D киното во Центарот за култура стана најпосетеното во државата.
Ако треба да се изразам математички тоа би изгледало вака : Во 6 години и 6 месеци се реализирани 4196 настани кои ги посетиле 739 342 вкупен број на публика“ стои меѓу другото во нејзиното обраќање до јавноста.
На новото раководство, како што вели Андоновска-Илијевски, мојот почитуван колега назначен за ВД директор Влатко Илиевски, му оставам институција без долгови, со стабилни основи и јасна визија за иднината.












