Дали Безистенот се распаѓа пред очите на институциите? Прашањето се наметнува на секоја прошетка низ историски важниот културен битолски симбол. На вратите се наоѓа предупредување за опасност при минување.

Наместо системска конзервација и реставрација, внатрешноста и надворешноста на овој заштитен објект се „украсени“ со предупредувачки листови на кои пишува: „Внимавајте, вратата е оштетена, можно е да падне!“.
Внатрешните сводови на Безистенот се испукани со длабоки конструктивни распори, малтерот е лупен и паѓа на сите страни, а на некои места директно се гледаат голите тули. Влагата од покривот и негрижата со години го јадат ткивото на овој споменик. Скалиштето на влезот е пропаднато и обраснато во трева, а вратите претставуваат директна закана за секој минувач или муштерија што влегува во дуќаните.
Тера ја регистрираше состојбата и пред една година. Опасноста што надвиснува од внатрешната врата сеуште постои. Излупениот малтер само се проширува, и надворешните скали сеуште се небезбедни.
Битолскиот Безистен е „фатен“ во лавиринтот од надлежности. Најпрвин, тоа е објект под државна заштита. Според Законот за заштита на културното наследство, сите градежни зафати мора да подлежат на правилата за конзервација и заштита, што е работа на НУ Завод и музеј, а инспекцискиот надзор го врши Управата за заштита на културно наследство ( УЗКН) .
Но, проблемот може да се лоцира во сопственичката структра. А најголемиот дел од дуќаните во Безистенот се во приватна сопственост. Оттука, според истиот Закон , сопствениците на заштитеното добро се примарни носители на обврската за чување, редовно одржување и санација. Што подразбира дека за се што сопствениците сакаат да направат во своите дуќани треба да го прашаат битолскиот Завод и Музеј, и да добијат дозвола.

Но, заедничките простории, покривот, фасадата, заедничките ходници, сета електрична и интернет инфрсгтруктура, заедно сосе влезната врата се токму тоа- заеднички делови од објектот.
И тука е целото несогласување коешто се појавува меѓу институциите и сопствениците на дуќаните, при што Безистенот е колатерална штета.
Институициите се повикуваат на Законот за нотаријатот, Законот за домување и сопственост, според кои сопствениците се должни да формираат Заедница на сопственици и заеднички да вложуваат во одржувањето на објектите. Сопствениците пак поаѓаат од од фактот дека Безистенот е заштитено културно добро, јавен објект, споменик. Па бараат државата, или градот да вложат јавни пари во санација и де факто конзервација.
За сопствениците само да посакаат да направат нешто со објектот, најпрвин од треба да се обратат до Завод и музеј за овие да направат или одобрат конзерваторски проекти и да издаде конзерваторско одобрение. Цената за објект како Безистенот не е фиксна, и според некои извори, може да се двбижи од 5.000 до 25.000 евра. Сами мајстори не смеат да повикаат, има инспектори кои имаат право веднаш да реагираат и казнуваат. Најпрвин општинскиот градежен инспекторат, а потоа и инспекциите од УЗКН.

Инспекцијата на УЗКН има законска обврска да прави увид на лице место и ако констатира дека објектот претрпел и најмала измена, може да наложи затворање на објектот. Општинскиот инспекторат пак има право да направи анализа на безбедносната сосотјба и , исто така , откако ќе наложи санација, да го затвори објектот до содавање услови за негово користење.
Според шаховската терминологија, Безистенот е во безизлезна, пат-позиција. Ниту една од двете страни- надлежните институции и сопствениците не можат да направат потег за решавање на ситуацијата.
Дотогаш, овој објект изграден во почетоците на 16 век, кој издржал и војни и земјотреси, пропаѓа во административниот лавиринт и отуството на иницијатива од Општината. Иако нема надлежност во заштита на спомениците, има надлежност во однос на безбедноста.
Затоа што хартиените „табли“ со предупредување нема да се доволни да спречат трагедија.











