ТЕРА

REKLAMA???

БИТОЛА НА ПРВО МЕСТО ВО РЕГИОНОТ, НО ДЕВЕТТА ВО ДРЖАВАТА, ПАД НА ТРАНСПАРЕНТНОСТА

Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини. 

Просечната активна транспарентност на мнинистерствата, на Владата и на општините за 2023 година изнесува 76 %  и во однос на лани е подобрена само за 3 процентни поени (од 73 % на 76 %).

Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 % од институциите, за разлика од лани кога се подобриле 81 % од институциите.

Како и лани и годинава, само две институции, Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.

Две општини, Велес и Гевгелија, се наоѓаат на третата позиција, со високи 99 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност.

Некогашниот лидер, а потоа и вицешампион меѓу регионите според активната транспарентност, Пелагонискиот Регион, годинава е на четвртата позиција, со просечно исполнување на обврските над 75 %.

● Битола ја задржа првата позиција од лани, пред Демир Хисар, но падна од ланското вкупно трето место на деветтата позиција во земјава. Иако на првите две места во регионот, и двете општини годинава имаат намалена активна транспарентност во однос на лани.
● Нема промени во рангирањето на првите шест места според активната транспарентност во Пелагонискиот Регион.
● Кривогаштани годинава се искачи на седмата, од последната позиција лани.
● Со постојано намалување на обемот на објавени информации од година во година, на последното место сега е Долнени, со само 45 % исполнетост на обврските за објавување. 

Активна транспарентност на општините од Пелагонискиот Регион

1 Битола 95,7 %
2 Демир Хисар 92,9 %
3 Прилеп 85,7 %
4 Крушево 81,4 %
5 Могила 78,3 %
6 Новаци 68,1 %
7 Кривогаштани 65,2 %
8 Ресен 64,3 %
9 Долнени 44,9 %

Активната транспарентност на Општина Битола во 2023 година изнесува 95,7 % (од можни 100 %) со што општината се наоѓа во групата институции со ’многу добра‘ активна транспарентност (исполнување на обврските од 80 % до 100 %). Со овие бодови, општината се наоѓа на 12-та позиција од вкупно 98 рангирани институции. Оваа општина од Пелагонискиот Регион се наоѓа во најдобрата група институции со многу добра активна транспарентност уште од почетокот на рангирањето во 2016 година до денес.

Меѓу регионите, на првото место изби Источниот Регион (со 83 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 66 % активна транспарентност).

Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (општините само 57 % од можни 100 %, а министерствата 62 % од можни 100 %).

Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Наспроти тоа, во случаите кога до институцијата се доставува барање за одредена информација, станува збор за ’реактивна транспарентност‘. 

Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.