ТЕРА

REKLAMA???

Вечните домови на битолските партизани заборавени пред Денот на ослободувањето

Битола се подготвува за својот најголем празник, но вечните домови на нејзините ослободители се заборавени. На нецели две недели пред одбележувањето на 4 Ноември, Партизанските гробишта во Битола, каде почиваат голем дел од борците што го дале животот за слободата, се наоѓаат во ужасна состојба.

Патеката која води до комплексот каде што се наоѓаат стотина гробни места на борци од Народно-ослободителната и антифашистичка борба е нерамна, распукана и се распаѓа.  Поголемиот дел од надгробните плочи се потемнети од забот на времето, натписите едвај се читаат, а просторот е обраснат со плевел.

Од Сојузот на борците од Битола за интернет порталот Сакам да кажам рекоа дека со години алармираат за овој проблем. Претседателот на здружението, Стефан Бошков, посочува дека редовно поднесуваат барања за санација токму пред секој 4 Ноември, но без успех. Тој додава дека освен грешките во датумите кај дел од хероите, како што е погрешниот датум на раѓање кај Ѓорги Наумов, во некои од гробовите растат дури и дрвја кои борците мораат самите со раце да ги корнат за просторот да добие соодветен изглед пред положувањето цвеќе.

Иронијата да биде поголема, проект за спас на ова историско место постои уште од 2005 година, изработен од Заводот и музеј – Битола. Пред две години, оваа институција го конзервираше централното спомен-обележје со моќната порака „Со хероизам ја победија смртта“. Сепак, за целосно уредување на комплексот, според груби проценки, потребни се околу три милиони денари, односно околу 50 илјади евра, средства кои Сојузот на борците ги нема, со оглед на тоа што пред три децении нивната надлежност била одземена и тие биле сведени на ниво на здружение на граѓани.

Тера телевизија денес упати официјални прашања до локалните власти. Од Општина Битола побаравме одговор кој е конкретно и правно одговорен за тековното одржување на гробиштата, дали ќе се одвојат пари во буџетот за следната година и кога конечно ќе се корегираат погрешните датуми на самите плочи.

Истовремено, до Јавното претпријатие „Комуналец“ испративме прашања за тоа дали постои официјална одлука со која тие се изземени од одржување на самите гробови, но и кога точно ќе започне најавената санација на пристапната патека. Дополнително, побаравме одговор дали претпријатието може да излезе во пресрет со итна, интервентна акција за чистење на плевелот и багремите пред претстојниот Ден на ослободувањето.

На Партизанските гробишта во Битола се наоѓаат спомен-обележјата на Стив Наумов, Елпида Караманди, Естреја Овадија – Мара, Трифун Пановски, Коле Канински и многу други битолски херои. Дел од гробовите се симболични бидејќи посмртните останки на борците никогаш не биле пронајдени.