Со дефилето „Со песни и игри низ битолските улици“, Битола наликуваше на фолклорна разгледница. По 54 -ти пат над 1000 учесници од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија и САД, се прошетаа од Саат кулата, Плоштадот Магнолија, низ Широк Сокак презентирајќи ги своите носии и богатството на својот фолкор.

Дефилето привлече голем број на битолчани и гостите во Битола, кои заедно пешачеа со фолклористите, се фотографираа и уживаа во убавината на фолклорната традиција.

Овој фестивал формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903, како смотра на фолклорот во националните граници, денес ја живее светската слава како еден од најпознатите и најголеми фестивали препознати и сертифицирани од CIOFF (International Counsil of Organizations of Folklore Festivals and Folklore Arts) официјален партнер на УНЕСКО, формиран во 1970 година, кој работи за заштита, промоција и ширење на традиционалната култура на глобално ниво. Големото дефиле на „Илинденски денови“ ја прокламира племенитата мисија на илјадници народни уметници да се преслика автентичната вредност на културното наследство на идните генерации.












