ТЕРА

REKLAMA???

БОГАТА ПРОГРАМА НА 46.ИЗДАНИЕ НА ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

Со настапот на гудачкиот оркестар „Ајга“,во Македонската Филхармонија беше отворено  46. издание на Денови на македонска музика. Диригент беше Виктор Митревски.

На програмата беа  делата на композиторите Ана Пандевска, Бојана Петровиќ-Алексова, Дамјан Темков, Михајло Штерјев и Филип Иванов. Манифестацијата е во организација на Сојузот на композитори на Македонија, а членови на уметничкиот совет се: Валентина Велковска Трајановска, Вања Николовски – Ѓумар и Филип Иванов.

„Денови на македонска музика“ е фестивал на нашите простори што овозможува македонското музичко творештво да се создава во континуитет, како традиција, сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња.

Концепцијата на фестивалот останува иста – македонска музика од различни жанрови. Оваа година фестивалот е во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: балетско, симфониско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Фестивалот ДММ ќе се реализира во две сезони, со големи концерти. Концертите во втората сезона освен делата од поголем обем, концерти, симфониско творештво, дела за гудачки оркестар со солисти, ќе опфатат и настап на камерно дуо од Германија, солисти од Словенија, работилници, семинари и трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори.

Идејата за формирање на ансамблот „Ајга“ произлезе од неопходноста да се оформи гудачки оркестар, што ќе го проследи во својот опус творештвото од музичкиот барок до денес, со особен акцент на современите автори.

На затворањето на ДММ ќе бидат доделени и трите награди кои традиционално ги доделува СОКОМ: „Трајко Прокопиев“ – за животно дело; „Панче Пешев“ – за најдобро премиерно дело во изминатата година и „Георги Божиков“ – за најдоба изведба на македонско дело.