ТЕРА

REKLAMA???

ДЕМАНТ И РЕАКЦИЈА НА РОДИТЕЛИТЕ ВО ВРСКА СО ОБЈАВЕНИОТ НАПИС „ГОДИНИ МОЛК ЗА БУЛИНГ ВО УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИ“

Ние, родителите на учениците кои се посочени во објавениот напис на ТЕРА, како и останатите родители од одделението кои не се директно засегнати во случајот, сакаме јавно да реагираме и да ги демантираме наводите и начинот на кој е претставена ситуацијата.
Сметаме дека објавениот напис не ја отсликува целосно фактичката состојба, а со насловот и начинот на известување се создава впечаток дека со години постоел молк, дека училиштето и наставниот кадар не преземале никакви мерки и дека ситуацијата била игнорирана. Сметаме дека ваквата презентација е еднострана, неполна и создава неправедна слика за сите инволвирани. Како родители, најостро се противиме на секој облик на насилство, понижување, навредување или недолично однесување меѓу децата. Но, исто така сметаме дека не е прифатливо преку медиумски написи, без целосно утврдени факти и без да се слушнат сите страни, да се создава јавна осуда и да се ставаат етикети на малолетни деца. Родителите на посочените ученици не се согласуваат со начинот на кој нивните деца се претставени и категоризирани во јавноста. Секое дете заслужува заштита, правичен пристап, воспитување и можност фактите да бидат утврдени од надлежните институции, без јавен притисок и однапред донесени пресуди. Особено сакаме да реагираме на изнесените неточни наводи и квалификации во однос на одделенската наставничка. Сметаме дека тие не ја одразуваат вистинската слика за нејзината работа, посветеност, професионалност и однос кон учениците. Наставничката е исклучително посветена,
совесна и одговорна во својата работа, а ние како родители имаме доверба во неа и во нејзиниот воспитно-образовен пристап. Не прифаќаме нејзиниот професионален интегритет и долгогодишната посветеност на децата да бидат доведени во прашање преку неточни изјави. Особено сме загрижени што во вакви ситуации последиците од јавните објави ги чувствуваат и децата кои се малолетни, нивните семејства, но и целото одделение. Децата не смеат да станат предмет на јавна стигматизација, навреди, осуди и дополнителни притисоци. Бараме институциите да ја утврдат фактичката состојба, да постапат професионално, непристрасно и во најдобар интерес на сите деца. Бараме и медиумите да покажат одговорност, да ги почитуваат правата на малолетниците и да овозможат објективно информирање, со сослушување на сите засегнати страни. Овој демант и реакција ги изразуваме како родители на учениците од одделението, вклучително и родителите на посочените ученици и родителите кои не се директно засегнати во случајот. Во прилог на овој демант доставуваме и потписи од сите родители кои стојат зад оваа реакција, како потврда на нашиот заеднички став, поддршка и несогласување со едностраното претставување на случајот. Нашата цел не е да оправдуваме насилство, туку да бараме вистината да се утврди врз основа на факти, да се заштитат сите деца, да се зачува достоинството на наставничката и на семејствата и да се спречи јавна осуда на малолетници пред завршување на постапките.

Потписници на оваа реакција се родителите на учениците од одделението кои своерачно се потпишале на крајот од текстот.