ТЕРА

REKLAMA???

По повеќе од една година, општината ќе ги дава субвенциите за кандидатите кои полагаа во други градови!

По повеќе од една година чекање, Општина Битола конечно се сети да ги реализира ветените финансиски субвенции за младите битолчани кои минатата година беа принудени да полагаат возачки испит во други градови.

Јавниот повик, објавен дури денес, доаѓа по цели 19 месеци откако во Советот на Општина Битола беше покрената иницијативата и усвоена основната одлука за оваа намена. Иако правниот основ постоеше уште во првата половина на 2025 година, а парите беа предвидени со програма донесена на крајот на истата година, општинската администрација чекаше да помине речиси целата 2026 година за да го објави огласот.

Според условите на повикот, младите до 30 години кои во текот на 2025 година полагале возачки испит (или дел од него) надвор од Битола поради прекините во работата на локалниот испитен центар, ќе можат да добијат еднократна поддршка од 6.000 денари бруто.

Но, освен големото доцнење, проблем претставува и ограничениот буџет. Вкупната сума изнесува 300.000 денари, што значи дека пари ќе има за најмногу 50 граѓани. Со оглед на тоа што застојот со полагањата во 2025 година траеше со месеци и погоди стотици кандидати од Битола, ваквиот лимит отвора дилема колкумина од оштетените граѓани реално ќе бидат обесштетени, особено што важи принципот „прв дојден, прв услужен“.

Дополнителен предизвик за кандидатите е обемната документација што се бара по толку долг временски период. Освен потврда од испитниот центар во другиот град и доказ за положен испит, граѓаните мора да приложат и доказ за извршена уплата од 2025 година. За многумина кои одамна ги завршиле испитите и ги подигнале возачките дозволи, чувањето на уплатниците по повеќе од една година во надеж дека општината некогаш ќе го исполни ветувањето, може да се покаже како непремостлива пречка.

Рокот за аплицирање е 15 дена, а останува да се види дали по исцрпувањето на средствата за првите 50 апликанти, локалната власт ќе размисли за ребаланс и дополнителни средства за сите останати млади битолчани кои беа жртви на институционалниот хаос со испитните центри во 2025 година.