Во Битолскиот театар во рамките на БИТ ФЕСТ, гостуваше Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот” од Велес, со театарската претстава „Четири соби“, работена според мотиви од сценариото на истоимениот култен филм од 1995 година тоест според делото на Квентин Тарантино, Роберто Родригез, Алисон Андерс и Алехандре Роквел, во режија и адаптација Синиша Евтимов. Тој е еден од оние режисери чии претстави долго живеат на сцените на театрите во земјава.
Станува збор за четири приказни кои се случуваат во една новогодишна ноќ, сместени во четири различни соби на еден хотел.

„„Четири соби“ е продолжување на мојата театарска приказна. Што и да работам, она што е битно е да се обидам да комуницирам со публиката на начин кој соодветствува со духот на времето“ истакна режисерот Евтимов и додаде „Станува збор за реконструкција на сценариото, соголување до основната дијалошка структура, која без филмската контекстуализација, добива сосема нова форма. Следно е реанимација на дијалогот, во нов сетинг, со нови карактери, нови имиња и топоними. Сето ова, креира нов контекст, а со самото тоа и сосема нова приказна. Нашата приказна се случува овде и сега и почнува да живее нов живот, нималку налик на оној од инцепцијата“.

Адаптација на филмски сценарија за сцена, е нешто со кое се занимава веќе долго време (Дипломец, Вардарски Пастуви, Мој термин, Едмонд, Балкан Бојс). Евтимов во своето портфолио има претстави како класиката на Њушиќ – „Сомнително лице“, „Стјуардеси“ и „Вардарски пастуви“ во Театар Комедија или „Не се клади на Енглези“ и други.
Костимографијата и сценографијата се на Александар Ношпал, музички соработник: Сашко Костов. Улогите ги толкуваат: Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Симона Димковска, Зорица П. Панчиќ, Кети Борисовска, Талија Настова, Жарко Спасовски, Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов.
Оваа претстава ја отвори сезоната 2021 во Велешки театар насловена „Да се почне одново“.

















