Вечерва во Битола кај фонтаната пред Завод и музеј завршен митинг одржа СДСМ и Коалицијата на кој се обратија носителот на листата, коносителката, кандидатот за пратеник од Битола и претседателот на битолската СДСМ.

„На последниот ден од кампањата за парламентарните избори, сакам да ви се заблагодарам за поддршката која ми ја дадовте изминатите 20 дена.
Сега е вистинскиот момент да ја покажеме силата на СДСМ. И во минатото сме врвеле низ тешки премрежја, но кога тоа го преживувала партијата, страдала и државата! Силен СДСМ значи силна Македонија! Немаме уште еден живот за некој да се ценка со нашата иднината!
Затоа, в среда, на 8 мај, ве повикувам да излезете на гласање, да бидете одговорни кон својата и иднината на своите деца, на своите семејства! Да гласаме за број 1! Да обезбедиме иднина каква што заслужува Македонија“ рече кандидатот за пратеник, Методија Илиевски.

Коносителката на листата Бисера Костадиновска-Стојчевска порача на 8 мај да излезат сите масовно и да ја дадат својата поддршка за број 1 за кандидатските листи предводени од СДСМ и Коалицијата и за нивниот кандидат за претседател Стево Пендаровски.

„Само така можеме да ја осигураме иднината на земјата, да продолжиме онаму каде што тргнавме, со подобрување на животниот стандард, повисоки плати, повисоки пензии, на патот за подобро утре“ вели Костадиноивска-Стојчевска.
Прашавме зошто тие велат дека се оние кои ќе не носат напред, а другите во изолација.
„Затоа што тие се демантирани многу долго и се она што го нудат им паѓа во вода и целата изборна програма им се врти околу лаги, манипулации и мислам дека пред се треба да се извинат пред своето членство, а потоа и пред граѓаните што нудат, како што кажа нивната кандидатка и нивните кандидати за пратеници, една нова демократија, некоја европска перспектива, а самите себе се демантираат во своите изјави секој ден“, рече таа.
Важно е на 8 мај да се направи вистинскиот избор, бидејќи одлучуваме по кој правец ќе тргне државата, поирача носителот на листата Јован Митрески. Го прашавме пред митингот што ќе им порача на граѓаните.

„Нашата земја и патот на нашата земја е во Европската унија, секако со зачуван македонски идентитет, македонски јазик. Борбата за членството во Европската унија, напредокот на државата, обезбедување повисок животен стандард на граѓаните, повиските плати, повисоки пензии, младите да си ја бараат иднината тука во својата земја, а не во странство со пасоши на туѓи држави“ рече Митрески.

Пред присутните се обрати и претседателот на ОО на СДСМ Битола, Драган Крајовски кој рече дека нивните пратеници се луѓе докажани во својата професија, во своето место на живеење.

„СДСМ има кандидати за пратеници кои што се признати и дома и во странство како борци за еднаквост и правда. Да го заокружиме бројот 1 за да продолжиме по патот кон Европската унија и да обезбедиме европска иднина дома. Нашата иднина е на запад, не меѓу Хунзите во Азија. Сега клучното прашање не е дали СДСМ ќе оди во опозиција, туку што е алтернативата. Клучното прашање е дали грешките на СДСМ се толку големи за да ги казниме нашите деца со уште една загубена деценија. Апелирам да смогнете сили, да се исправиме и да одработиме за достоинствен изборен резултат, на 8 мај масовно да излеземе на гласање, да го поддржиме Стево за претседател, кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата“ реча Крајовски.












