Кај три деца во Грција, на возраст од 14 и 18 месеци и десет години, бил потврден хепатитисот што веќе е регистриран во неколку земји, а не е позната причината и ги напаѓа децата до 16 години, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ) соопштија дека трите случаи ги исполнуваат критериумите на СЗО „за веројатни случаи“, а две од децата (14 месеци и десет години) имале симптоми (болки во стомакот, повраќање и треска), како и зголемени трансаминази, додека пак третото дете, 18-месечно било асимптоматско, но исто така со покачени трансаминази.
Сите деца биле тестирани за вирусен хепатитис А-Е и резултатите биле негативни.
Две од децата биле хоспитализирани само неколку дена, не постоеле никакви компликации, не примале посебна терапија и се во добра здравствена состојба, а за третото не била потребна хоспитализација.
Деветгодишното момче во Србија, за кое постои сомневање дека е заразено со хепатитис од непознато потекло, е префрлено во болница во Бергамо, Италија, каде лекарите ќе одлучат дали на детето му е потребна трансплантација на црн дроб.
Во Шпанија се потврдени 22 случаи на акутен хепатитис од непознато потекло. Според Европскиот центар за контрола и превенција на болести, на континентот има најмалку 102, а во Велика Британија 163 случаи.
Во Шведска има девет, Португалија осум, Холандија шест, Белгија три, Австрија и Франција по два, Германија и Полска по еден. Во Италија има 35 евидентирани случаи.












