Пред почетокот на жетвата во Пелагонија земјоделците се во шок по сознанијата дека цената на лебното зрно на светските берзи се движи околу 10 денари за килограм.

„Со 8 или 9 денари откупна цена како што слушаме ќе биде пченицата ние сме навистина во шок. Толку многу имаме вложено во пченицата, толку ѓубрива, толку препарати кои што се за уништување на тревата ние како ќе сврзиме крај со крај. Килограм пченица за да произведам ме чини околу 13 денари, за 8 денари јас нема да ја дадам“, вели Злате Џумковски, земјодлец од с.Кравари.

„Најрентабилно би било дел да му се помогне на откупувачите и дел да ни се помогни и нас за да стигнеме до некоја реална цена. Моментално таа цена што ја нудат ние стварно сме во загуба. Најдобро би било да се бара решение, кое по мое би било некаде да се дојди барем до 15 денари да биде откупната цена“, рече Тони Тасевски, земјоделец од с.Логоварди.
Велат дека поддршката која што треба да ја добијат производителите на јачмен во висина од 12 илади денари по хектар е добра но не ги задоволува целосно.
„Откупната цена на пченица во споредба со јачменот треба да биде уште поголема, затоа што годинава има добар род на пченицата. Годинава приносот ќе биде прилично добар да се надеваме дека некаде околу 6 тони ќе излези“, вели Џумковски.
Годинава очекуваат принос од околу 5 до 6 тони по хектар.Министерот за земјоделие при посетата на акумулацијата Стрежево рече дека поддршка ќе добијат и производителите на пченица.












