После првата средба со средношколската публика, претставата „Вујко Вања“ од А.П.Чехов, ќе ја има својата премиера и за сите театарски вљубеници и тоа на 26-ти јануари, петок, во 20ч, во Народниот Театар Битола. Ова е претстава што детално ги разработува темите за изгубената среќа, срушените надежи, стравот од губењето на домот, стареењето, како и болното секојдневно психолошко преиспитување – дали нашите животи се среќни, дали живееме онака како што сакаме, или без борба се предаваме на околностите што не заобиколуваат. Претставата е во режија на Софија Ристевска Петрушева.

„Вујко Вања“ е претстава за страста, за губењето, за семејството и за разочарувањето, за општествената опресија и за животните избори, за староста, за тагата, но и за надежта, што константно не тера да одиме напред и упорно не стимулира одново и одново да продолжуваме да живееме. Ликот на вујко Вања го игра актерот Петар Горко. Во претставата играат и Александар Димитровски, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Марија Стефановска, Никола Пројчевски, Валентин Дамчевски.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска која истакна дека актерите, многу пополнокрвно ги отелотворуваат ликовите, и нивната сопствена приказна не балансира во наметното секојдневие од неизбежност, на слаба волја, мрзливост, чувството на досада и монотонија. Единствениот начин да се спротивставиме на самотијата до којашто го довела староста, и отуѓеноста е желбата. Надежта.
Сценограф на претставата е Валентин Светозарев , костимограф Андреј Ѓорѓиевски Папаз, композитор Александар Талевски, кореограф Кире Миладиноски , шминка Стефанија Стојчевска. Дизајн на тон и тон мајстор Александар Димовски, дизајн на светло и светло мајстор Горан Петровски. Првата реприза на претставата е на 27-ми јануари, сабота, исто во 20ч.












