Бизнисменот Стојан Чифлигароски, кој со години беше недостапен за органите на прогонот, самиот се предал на полицијата на граничниот премин „Свети Наум“. Од МВР за “Слободен печат” потврдиле дека полициски службеници го лишиле од слобода 44-годишниот охриѓанец со живеалиште во Битола, по кого била распишана централна потерница по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Чифлигароски се товари за три тешки кривични дела: злосторничко здружување (член 394 од КЗ), даночно затајување (член 279 од КЗ) и перење пари (член 273 од Кривичниот законик). Според неофицијални информации, тој подолг период престојувал во Соединетите Американски Држави пред да се одлучи на овој чекор.
Името на Чифлигароски во јавноста стана препознатливо како сопственик на компанијата „СВ Инвест“ која сега веќе е во стечај. Оваа фирма во изминатите години се најде во фокусот на низа политички обвинувања поради милионски тендери за ископ на јаглен и помошна механизација во државниот гигант РЕК Битола, што резултираше со отворање на случај, познат како Синџир. Тоа беше една од најголемите акции на Управата за финансиска полиција и ОЈО ГОКК против економскиот криминал. Истрагата официјално започна во октомври 2023 година, кога беа опфатени вкупно 26 сопственици и управители на дури 28 правни лица од Скопје, Битола, Охрид, Кавадарци и Неготино.
Оваа група, во која Чифлигароски се сомничи како еден од организаторите, затајувала данок. Преку сложена мрежа на меѓусебни фиктивни фактури, фирмите свесно одбегнувале да пресметаат и да платат данок. Со ова, државниот буџет беше оштетен за 7.980.627 евра. Парите се переле тако што стекнатите нелегални парични средства биле пуштани во редовен платен промет за да им се скрие вистинското потекло
Предметот веќе имаше сериозна правна разрешница во Кривичниот суд. Голем дел од директорите и управителите на инволвираните фирми веќе ја признаа вината со цел да склучат спогодби со обвинителството. Со овие спогодби беа изречени затворски и условни казни, а во државниот буџет беа вратени безмалку еден милион евра.
Со предавањето на Чифлигароски, судскиот процес за преостанатите обвинети веројатно ќе добие нов пресврт.











