Република Грција спроведува сеопфатни реформи во енергетскиот сектор за да ја поттикне декарбонизацијата и да ги поттикне конкурентните пазари. Владата е фокусирана на праведна и достапна енергетска транзиција, со која, како што налага и самиот процес, најголем бенефит треба да имаат граѓаните, реализирајќи го процесот на Праведна транзиција од долу нагоре.
Грција постави цели да ги намали емисиите на стакленички гасови за повеќе од 56% до 2030 година во споредба со 2005 година и да има климатско неутрална економија до 2050 година.
Градовите Кожани, Лерин и општина Мегалополис Аркадија, припаѓаат на регионите на ЕУ со најголема зависност од фосилни горива. Овие области се соочуваат со последиците од повеќегодишнo работење и производство на електрична енергија од лигнитот, но измените, правилата и прописите налагаат подготовката на нов, избалансиран и одржлив развоен модел. Во оваа насока, Грција, освен силна политичка волја и дополнителни финансиски средства, има, сеопфатен стратешки план и мешавина од интервенции и мерки на економска диверзификација во области како што се чиста енергија, индустрија, технологија, образование, земјоделство, туризам итн.
Проектот „Подобрување на енергетска безбедност на Пелагонискиот регион преку процесот на Праведна транзиција – состојба на ресурси, искуства со Република Грција и споредба на националните стратегии“ е развиен со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.












