Во Градската библиотека во Задар, Хрватска беше отворена изложбата „Дрвјата се движат величествено“, на која се прикажани уметничките слики на Емилија и Стојче Тоциновски. Организатори на изложбата беа Заедницата на Македонците во Република Хрватска и Македонското културно друштво „Билјана“ од Задар, а покровители се Советот за национални малцинства на Република Хрватска.

Уметниците имаат одржано шеснаесет самостојни изложби, четири од нив на островот Паг и две во Задар. Оваа изложба е трета по ред во Задар. Отворањето на изложбата започна со традиционални македонски песни и рецитирање, по што уметниците се претставија и споделија со публиката нешто повеќе за нивната работа. Тие претставија два циклуси – апстрактни и наративни пејзажи, кои се создадени со акрилни бои на платно. Како што истакнуваат сакаа да ги прикажат нивните светови, начинот на кој ги гледаат пејзажите и просторот со уметничко око.

„Ние не сме реалисти, иако на Академијата долго време работевме на реализам, што е основата. Кога јас и жена ми почнавме да сликаме заедно, на почетокот баравме начин да започнеме – што е во тренд или што ќе ги привлече луѓето. Сепак, нејзиниот професор и ментор ја советуваа да не истражува премногу, туку да го правиме она што ни доаѓа одвнатре“, вели Стојче. Емилија и Стојче се академски уметници кои како сопружници и уметници заедно создаваат препознатлив естетски свет од 2011 година.

Нивните дела зрачат со богат колоризам и носат уникатна детска непосредност. Сликите привлекуваат внимание со одличната комбинација на многу бои, кои формираат хармонични композиции.Во изложбата тие презентираа циклуси на пејзажи, во кои доминираат природни мотиви, но и апстрактни композиции, каде што ги истражуваат границите меѓу реалното и имагинарното. Пејзажите ја претставуваат убавината на природата, додека апстракциите ги рефлектираат нивните внатрешни уметнички визии. Тие живеат и работат во Скопје. Досега имаат добиено три награди – наградата за дебитантски стрип, „Крале Марко“ во 2012 година на Ликовниот салон во Велес, признанието „Хенри Дунант за волонтирање во Црвениот крст на Република Македонија во 2018 година и прва награда во галеријата Art Casa Mexicana во Бари во 2019 година.












