Димитар Атанасовски, редовен студент во трета година на Педагошкиот факултет во Битола е новиот лидер на студентите на УКЛО, соопштија од битолскиот универзитет.

Тој е избран со тајно гласање на конститутивната седница на Универзитетското студентско собрание на УКЛО. Новиот претседател на УСС УКЛО, Атанасовски по изборот, покрај огромната благодарност што ја упати до сите членови на УСС, изјави дека чувствува задоволство да соработува со ситe студенти од УКЛО и подготвеност да се вклучи во активности што ќе придонесуваат за унапредување на студентскиот стандард кој секогаш може да биде подобар.

„Покрај со студентите од УКЛО, ние како ново раководство на УСС ќе соработуваме и со други факултетски и универзитетски студентски собранија во државата и странство, особено со студентските организации од КОЛОРС Алијансата, во којашто нашиот УКЛО е член и дава свој придонес“ вели Атанасовски.

Според Димитар Атанасовски, КОЛОРС треба да се истакне како една од најголемите предности на нашиот универзитет и изрази уверување дека заради КОЛОРС студентите сè повеќе ќе се анимираат.

Димитар Атанасовски и пред изборот за студентски лидер на УКЛО остваруваше плоден студентски ангажман како претседател на Факултетското студентско собрание, активно учествуваше во бројни настани и манифестации на УКЛО и во КОЛОРС и беше член во Универзитетскиот сенат.
На седницата што се одржа на 22.11.2024 г во Ректоратот на УКЛО, избрани се и членовите на органите на УСС УКЛО и воедно, делегирани се претставници од студентите во органите и телата на Универзитетот: Ректорската управа, Универзитетскиот сенат и постојаните Комисии на Универзитетот.
Претходно, функцијата студентски лидер на УКЛО ја извршуваше Борис Гушевски од Техничкиот факултет – Битола.













