Од 1 јули годинава за 7,04 проценти ќе се намали вкупната цената на електричната енергија во првиот блок со вкалкулирана енергија и мрежарина, во вториот блок ќе биде поевтина за 4,09 проценти, додека во третиот блок ќе има зголемување за 2,54 проценти, а во четвртиот блок цената ќе биде повисока за 2,42 проценти, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
РКЕ носи одлуки за цени и тарифи без ДДВ. Со вклучено ДДВ, намалувањето на цената на фактурата за потрошената струја во првиот блок ќе биде 0,28 проценти, во вториот блок ќе има зголемување од 2,88 проценти, во третиот блок од 9,99, и во четвртиот 9,87 проценти зголемување.
Први декември е датумот кој Регулаторите го одредија за старт на евтината тарифа и ќе биде во траење од два часа од 13 до 15 часот а дотогаш ЕВН Хоум ќе треба да ги спроведе промените во системот за наплата поради воведените четири блок тарифи.
„Во изминатиот период водевме долги дискусии. Нашиот конечен став е дека евтината тарифа се враќа , со мало одложување кога почнува грејната сезона, односно од 1 декември. Тоа е тоа. Регулаторната комисија за енергетика нема да отстапи. Имаа доволен период да се заврши имплементацијата и промените кои треба да се напарават во билинг системот“, рече Бислимовски.












