„Дон Жуан“ од Молиер во режија на Андреј Цветановски во продукција на Народно позориште Вршац влезе во селекцијата на 72. Фестивал на професионални театри на Војводина, како една од претставите која ја обележаа театарската продукција во Војводина за оваа сезона, според селекторката на овогодинешното издание на фестивалот, познатата театарска критичарка Александра Гловацки.
Овој фестивал заедно со Стеријно позорје се двата најголеми и најзначајни фестивали во Србија.

„Што се крие позади тоа силно освојување и нечуствителност кон сопствените жртви е основната сфера на интерес на македонскиот режисер кој што е автор на адаптацијата. Во високо естетизираната постановка, со подеднакво драмски и комичен набој во актерскиот ансамбл, ова читање отвара широк простор за преиспитување на односот на главниот лик со својот татко, и со тоа давајќи му трагични размери. Вршачкиот Дон Жуан не донесува само ново читање на класиката, туку со минимални додатоци на текстот, а без уништување на основното ткиво, дава нова посложена драмска предлошка“ пишува во извешајот на селекторката. Во селекцијата на овој фестивал се влезени значајни режисери од театарската сцена во Србија и на Балканот, како Харис Пашовиќ, Кокан Малденовиќ, Милан Нешковиќ и други.
Најновата премиера на режисерот Андреј Цветановски беше изведена во Вршац, во театарот „Стерија“. Сергеј Светозарев е сценографот, музиката е на Димитар Андоновски, Софија Лучиќ е костимограф, а дизајнот на светло е на Радомир Стаменковиќ.












