Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на овогодишната награда „Роман на годината“ која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.
„Симболичен е насловот, меѓутоа и многу важен за сите нас. Сите ние имаме единствен матичен број. Тоа значи дека постоиме на некој начин. Но прашањето што јас го поставувам во романот и што секој од нас треба да го постави е дали навистина постоиме, дури и тогаш кога имаме единствен матичен број, а на тоа прашање секој треба да си одговори посебно, индивидуално и можеби смао во тишината на своето срце“, рече писателката .

Таа потенцираше дека станува збор за нејзин четврти роман во кој има вложено многу труд, време, но и многу истражување и посочи дека е нејзиниот најсериозен роман досега. Романот, како што рече, е апсолутно фикција, која што црпи од документаристиката.
Како што појасни, се работи за психолошки роман, кој говори за дисфункционално семејство кое што живее во Скопје, за еден брак меѓу Македонка и Грк од Кипар. Исто така, посегнува и по некои политички прашања.

Романот носи навистина тешка тема, повеќе теми кои не засегаат сите нас. Писателката сеуште пишува за македонската стварност, бидејќи ја има како што истакна потребната книжевна дистанца од Македонија. „ Од надвор можам да ја гледам Македонија, меѓутоа и од внатре, од душата, и тоа ми дава посебни услови за пишување за македонското општество, за македонската реалност. Оваа книжевна дистанца ми е многу важна. Ми дава слобода, можам да напишам се што ќе замислам“, додаде Димковска.
За неа, најважно е кога при пишување на роман си поставува и естетски но и етички прашања.

За истиот таа двапати била на Кипар, соработувала со Институтот за раздвоениот Кипар којшто се наоѓа во Никозија. Најмногу соработувала со уметникот Димитријадис. Писателот и минатогодишниот лауреат Влада Урошевиќ рече дека со овој роман, Лидија Димковска создала дело во кое личните истории, благодарение на нејзината прозна вештина, ги шират своите кругови на знаења се до глобалните размери.
„Преку историјата на едно семејство, Димковска се нафаќа да ја претстави, во сета нејзина трагика, едната од индивидуалните и коелктивните судбински состојби толку карактеристични за нашата епоха: ситуацијата на егзилот. Присилното губење на татковината, на родниот дом, на делот од сопственото постоење проникнато со безброј врски кои го спојуват поединецот со неговото потекло добива на романот на Димковска своја конкретна, мошне индивидуализирана посебност“, се вели во образложението за наградата на членовите на жири комисијата.

Извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“, Ѕвездан Георгиевски на прес-конференцијата потенцираше дека оваа награда е од големо значење за македонската култура. Станува збор за награда што ја сакаат луѓето. Наградата што ја сакаат издавачите, авторите, читателите. Фондацијата Славко Јаневски веќе седма година ја доделува оваа награда.
Во конкуренција за оваа книжевна награда која во земјава се доделува по 25 пат, беа 36 романи. При изборот, беа одржани пет состаноци, а во финалето за наградата освен романот „Единствен матичен број“ на Димковска, беа и романите „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“).
Свеченото доделување на наградата ќе се одржи во мај.












