Фестивалот Локум фест втората вечер продолжи со настапот на „ Елиас ладино ансамбл“, од САД, кои ја потсетија битолската публика на препозналивите ладино песни на стара Битола. Оваа група ја врати музиката на македонските Евреи дома. Од 1976 години овој ансамбл свири сефардска музика на концерти и фестивали низ целиот свет. Кларинетистот Даниел Елиас, основачот на оваа група ја слушнал музиката својствена за битолските Евреи преку песните кои неговата баба му ги пеела на неговиот татко. Морис Седака, исто така потекнува од семејство на сефардски музичари. Неговите мајка и дедо, исто така пееле песни кои ансамблот денес ги изведува. Заедно со перкусионистот Кејс Бонд и басистот Марко Брем, ансамблот ќе свири музика која повеќе од 80 години не е слушната на овие простори.

Вториот концерт му припадна на големото музичко име со македонски корени, словенечкиот музичар Васко Атанасовски, кој настапи со промоција на албумот „Мелем“, а специјален гостин на концертот беше македонската пеачка Добрила Грашеска.
Заедно со Васко настапија и Зоран Мајсторовиќ и Марјан Станиќ.

Во текот на годините Атанасовски има соработувано со познатиот хармоникаш од Италија Симоне Занчини и веќе повеќе години соработува со Влатко Стефановски, со кого направија извонреден проект Fire&Ice.Настапувал во Кина, Индија, Аргентина, Њујорк, како и во Европа, така и на Балканот.Има издадено 13 албуми.

Во рамките на Оф програмата беше презентирана изложбата во соработка со Државниот архив, одд.Битола, изложба на фотографии издвоени од фондот “Браќа Манаки” посветена на животот на еврејската заедница во Битола симболично насловена “La Mahalle – битот на нашата ладино заедница”. Дружењето продолжи во Хотел Театар, со вечер посветена на ладино музиката.












