Под мотото „Македонистички гордорек“во Охрид беше свечено отворена 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на која учествуваат 65 македонисти од 17 земји. За музикиот дел на отварањето се погрижија уметниците проф.д-р Андријана Јаневска и проф. д-р Драган Даутовски.
„Меѓународниот семинар при УКИМ е пред нови хоризонти развивајќи процеси на афирмација, на македонистиката и лекторатите“, рече во обраќањето пред присутните директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова истакна дека науката за јазикот, но и континуираната и систематска грижа за македонскиот јазик и за неговата афирмација во светот се висок приоритет и на УКИМ и на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
„Од денес сум сигурна дека македонистичкото научно и културно семе ќе биде посеано уште еднаш, не само овде туку ќе биде и расфрлено ширум светот“, рече во обраќањето претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

„Негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата Влада“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска укажувајќи дека од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните преговори. Јаневска побара од академската сфера и професорите да ја зајакнат научната работа, посебно во делот на македонистиката и да предничат во севкупните напори за јакнење на македонскиот јазик како суштински елемент на националниот и културен идентитет на Македонците.

На програмата се културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и курс по македонски народни ора. Од преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: Зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот. Зборнците ќе сдоржат и две „Песнарки“ со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности.
Како што е најавено, на 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, со чествување на јубиларите, великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Слоганот на 51. Меѓународна научна конференција „75 за 75“ е во знакот на 75 години јубилеј од основањето на УКИМ, а се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“.

„Континуираното повеќедецениско одржување на оваа школа е потврда за живиот научен интерес за македонскиот јазик како словенски јазик, за исконската преокупација не само на лингвистиката туку и на научната мисла воопшто со неговите корени, историски, јазични и други аспекти“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Наградите „Воздејства“ им беа доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот, а беа доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката.
Главен финансиски поддржувач на манифестацијата е Министерството за култура и туризам, а дел од програмските активности ќе се реализирааат и со поддршка од Општина Охрид, и со други поддржувачи. Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давковаи истата ќе трае до 29 август.












