ТЕРА

REKLAMA???

ПОДЗЕМНИТЕ КОНТЕЈНЕРИ ВО БИТОЛА СÈ УШТЕ НА ХАРТИЈА, ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ РЕАЛИЗАЦИЈА НА ЕКОЛОШКИТЕ ВЕТУВАЊА

Во периодот од јули до септември годинава е забележана мала стагнација во реализацијата на проектот за поставување подземни контејнери. Иако локациите се утврдени, видливи активности сè уште нема, а два тендери биле поништени бидејќи не се пријавил ниту еден заинтересиран понудувач.

„Имаме мала стагнација на самиот проект. Се надевам дека во наредниот период она што беше планирано со буџетот на почетокот од 2026 година ќе се спроведе. За подземните контејнери имаме локации за нив, но сè уште нема видлива работа на терен“, посочи Целе Јолевски, проектен монитор.

Од „Интерактив“ велат дека целта на мониторингот е да се утврди дали изборните ветувања на локалната власт се преточуваат во конкретни општински програми и активности, наместо да останат само на хартија. Покрај поставувањето и одржувањето на подземните садови, се следи и состојбата со урбаното зеленило, неговото одржување, но и однесувањето на граѓаните.

„Ситуацијата со отпадот во Битола е различна, зависно од делот од градот што го анализираме. Забележуваме дека локалната самоуправа се активира и се обидува да посвети поголемо внимание на ова прашање, но сè уште постои сериозен простор за подобрување. Тоа важи и за институциите и за граѓаните, кои треба да бидат посовесни и поодговорни во одлагањето на отпадот“, изјави Иван Дургутов, потпретседател на „Интерактив“.

Како позитивен пример тој го посочи Скопје, каде што на одредени локации веќе функционираат подземни контејнери. Според него, ваквиот начин на собирање отпад придонесува за почиста и поуредена урбана средина, но за негово успешно функционирање е неопходна соработка меѓу комуналните служби и граѓаните.

На тркалезната маса беше отворено и прашањето за пошироката еколошка политика. Мите Ристов, претседател на „Геосфера“ – Битола, оцени дека состојбите со животната средина остануваат сериозен предизвик, како на национално, така и на локално ниво. Како можност за поместување на работите ги посочи активностите поврзани со Локалниот еколошки акциски план, кој се однесува на периодот до 2030 година.

„Има мало поместување во однос на дијалогот со Општина Битола. Формирано е телото што ги мониторира активностите поврзани со ЛЕАП и веќе започнавме со расправа. Со оглед на тоа што почнува буџетската расправа за 2027 година, сакаме да издвоиме приоритети што би се реализирале следната година. Останува да видиме дали работите навистина ќе се придвижат или сето ова ќе остане само на хартија“, рече Ристов.

Токму претстојниот општински буџет за 2027 година се отвора како можност дел од еколошките приоритети да добијат конкретна финансиска поддршка и рокови за реализација.

Правото на здрава животна средина беше посочено како заедничка одговорност на институциите и граѓаните, а учесниците упатија порака дека без редовно одржување на јавните површини, соодветно управување со отпадот и поголема граѓанска одговорност, тешко може да се постигнат трајни промени.

Тркалезната маса се одржа во рамките на швајцарскиот проект „Програма за поддршка на изборите“, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).