По повиците на социјалните мрежи, денеска дел од јавноста очекува граѓаните да не пазаруваат во маркетите поради високите цени на прехранбените производи.
Иницијативата која прво се случи во Хрватска, а вакви акции се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија, доби поддршка од пошироката јавност, како и од партиите од власта и од опозицијата, додека надлежните институции најавија ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека дел од производителите, дистрибутерите и маркетите се служат со трикови.

„Според сведоштвата на граѓаните, дел од производителите, дистрибутерите и маркетите се служат со трикови и тие трикови придонесоа цените на одредени производи да се зголемат“, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеник во Собранието.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче од Загреб вели дека Македонија и Хрватска во моментов се соочуваат со слични предизвици.

„И во Скопје и во Загреб, граѓаните излегоа со бојкот на маркетите поради високите цени“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој со раководството на хрватската СДП, во Загреб, се согласиле дека власта е таа што треба да ги заштити граѓаните и да преземе мерки против срозениот животен стандард.












