Николче Димшоски е бербер во старата битолска чаршија и веќе 25 години е таму. Но, неговата приказна започнува многу одамна, тој вели дека од дете ја има љубовта кон занаетот, а сите тајни за него ги научил од неговиот татко.

Се започнало кога бил дете и заедно со неговиот брат како низ детска игра го научиле занаетот во дуќанот кај неговиот татко каде бил пораснат.

Веднаш штом влеговме не пречека и не понуди со кафе, спремен да зборува за занаетот и чаршијата. А ние се сместивме во муштериските столчиња во неговиот дуќан кој сам посебе е како еден мал музеј.

Бројот на млади се намалува сите заминуваат во странство, а затворени кепенци низ чаршијата се повеќе има.

Тоа е тажната слика за нашата битолска чаршија која секој ден изумира се повеќе и повеќе. А занаетите речиси и ги нема.
Тој вели дека се надева дека и неговите деца ќе продолжат по неговите стапки и ќе го продолжат семејниот занает кој како што вели е од огромно значење.

Надежта ја гледа во младите, стилисти и фризери кои смета дека го продолжуваат берберскиот занает на еден помодерен начин. Вели дека е добро тоа што државата ги помага младите и нивната желба во родното место да работат и живеат.

Тој и уште неколкумина се една искра надеж дека и натаму ќе имаме занаетчии.
Муштерии има, од 1 до 99 години вели Николче. А берберското огледалото е честа мета на селфи фотографии за социјалните мрежи поготово од младите муштерии.
За крај прашавме дали може да сподели некоја приказна со нас, а тој ни рече дека секој ден поминат во чаршијата е нова и интересна приказна. Занаетите се минато сегашност и ваквите примери гарантираат дека ќе бидат и иднина.
Автор: Давид Козаров
Оваа содржина е изработена во рамки на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат” кој го спроведува ИРЕКС во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми и Младински образовен форум.












