Пред битолските советници денеска кварталниот извештај за извршување на буџетот за првиот квартал од годината. Преку бројки и споредби со минатите години, за власта имаме рекордно извршување на буџетот во првите три месеци од годината.

„Согласно податоците коишто ни се дадени од службите, можам да кажам дека извршувањето на Буџетот е фантастично, бидејќи согласно процентите коишто се предложени е 24, 36% е извршувањето на Буџетот од можни 25%. Споредбено со минатите години, извршувањето на буџетот во 2018 било 14%, во 2019- 10%, во 2020- 12% и 2021 е 15,74%. Согласно податоците коишто се тука може да се види дека ова е рекордно извршување на Буџетот во првите три месеци од годината, а тоа и граѓаните го гледаат со сите оние инфраструктурни зафати коишто се прават низ градот. До сега до овај момент се завршени 10 улици во градот, се работи уште на 5 улици, граѓаните можат да го видат бенефитот и каде се трошат нивните пари“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

За опозицијата пак власта го претставува извршувањето на буџетот во првиот квартал од годината со добро фингирани бројки.
„Ситуациите и фактурите коишто требаше да ги плати Општина Битола, намерно не ги платија, не ги реализираа, за да ги платат во месеците јануари и февруари за да покажат добро реализиран буџет, односно дека се трошат финансиските средства, меѓутоа за вистината да ја дознаат битолчани, ниту еден проект кој го ветуваа, коалицијата која е на власт ВМРО ДПМНЕ и ПОИНАКУ не го имаат започнато. Се што реализираат, се што плаќаат се проекти коишто се започнати од претходната власт“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.

И претседателката на Совет направи споредба на извршувањето на буџетот во првите три месеци од годината со изминатите неколку години. Вели дека за разлика од претходните години, сега реализицијата е поголема. Единствена цифра која што отскокнува се расходите, односно најголем проблем биле високите сметки за струја.
„Граѓаните се сведоци дека во првиот квартал од 23 улици 10 се веќе комплетно завршени. Единствената цифра која што отскокнува тоа се расходите и секој може да види дека најголемиот проблем во Општина Битола се сметките за електрична енергија и околу 70% од планираните средства се веќе потрошени за плаќање на сметки. Ние ќе се соочиме со една голема криза со електричната енергија и морам да кажам дека 35 милиони се потрошени за плаќање за сметки за струја“, изјави Габриела Илиевска, претседател на Совет.

На денешната седница на Совет градаоначалникот ги информираше советниците за реализацијата на буџетот во првиот квартал од 2022. Рече дека Општината е со највисок процент на реализација на буџетот за последните 4 години.
„ Податоците кои можете да ги видите во извештајот, јасно говорат за напредокот во работењето и видливите резултати во реализацијата на проектите.Всушност, со зголемувањето на приходите на општината, создадени се можности за инвестиции за економски развој, подобра инфраструктура, поддршка на спортот, културата и младите.Потврда за тоа е токму проектот за „Реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици”, од кои 10 се веќе асфалтирани, за разлика од 2018 година, кога единствената улица на која се работеше, беше улицата Климент Охридски.Тоа значи дека посветено работиме на дореализација на проектите, но и ставаме посебен акцент на изработка на нова документација за инфраструктурни и други проекти кои ќе се завршат до крајот на оваа, но и идната година.Токму затоа, за првиот квартал од годината, Општина Битола има највисок процент на реализација во последните 4 години, односно 24,36%, за разлика од мандатот на претходната локална самоуправа, кога реализацијата на буџетот за првиот квартал:
– Во 2018 била 14,10%
– Во 2019 реализација 10,95%
– Во 2020 реализација 12,32% и
– Во последната предизборна 2021 година, процентот на реализација бил највисок за тогашниот период, односно 8,62% понизок од сегашниот и изнесувал 15,74%.
Точно е дека, покрај нереализирани, изготвени проекти, наследивме и средства во висина од 283 милиони денари, но мора да се потенцира, дека наследивме и обврски околу 209 милиони денари, што се потврди со завршната сметка на општината за 2021 година. На ова посебно сакам да ги потсетам советниците од опозицијата, заради транспарентност при информирањето на јавноста за состојбата со општинската каса, при доаѓањето на оваа локална самоуправа.Сепак, зголемувањето на приходите во општинскиот буџет е клучно, за да може да се реализираат проектите кои ги ветивме пред граѓаните.Изразено во апсолутни вредности, општината во досегашниот период има остварено приходи од 320 милиони денари без пренесен вишок на приходи, наспроти овој период во 2018 година кога биле остварени 244 милиони денари без пренесен вишок на приходи или остварени се 76 милиони денари повеќе приходи оваа година.Ова се должи на посветеното и одговорно работење, со кое започнавме од првиот ден, а кое значеше решавање на затекнатите проблеми, но и воведување на организиран процес на работа“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Градоначалникот информираше дека во моментот на општинската сметка има 176.107.775,00 денари.












