Со децении Битола е град со стар генерален урбанистички план. Општина Битола, активно работи на изготвување на најважниот стратешки документ кој се однесува на планирањето на градот и е поврзан со неговиот понатамошен развој, вака беше соопштено во април ланската година.
Новиот генерален урбанистички план треба да го замени постоечкиот донесен во 1999 година.
На претходната седница беше и измената на програмата за урбанистички планови.
„Тоа се иницијативи кои што доаѓаат од заинтересирани правни лица и од јавните претпријатија и од општината, во интерес на општината или правните субјекти. Единствено Советот ги одобрува, бидејќи нема причина да ги кочи, бидејќи целата документација и подготвувањето на тие урбанистички планови е на товар на заинтересирани лица кои што ја поднесуваат таа иницијатива“ вели советникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.

Бојкоски вели дека со донесувањето на генералниот урбанистички план ќе се стави ред во урбанизмот во Битола.
„Бидејќи од 1999 година до денес, нема никаква измена на генералниот урбанистички план и не бил донесен и ќе се стави еден ред во урбанистичкото планирање со цел да се избегнат сите оние аномалии кои што се јавуваат при издавањето на одобренијата за градба кои што ги поднесуваат заинтересираните правни и физички лица“ вели Бојкоски.
И СДСМ е согласна дека тој генерален урбанизстички план е потребен да продолжи и економскиот развој.

„Да се олесни на жителите кои што сакаат да си изградат свој дом е повеќе од потребен тој урбанистички план и се надевам дека што поскоро ќе биде изготвен тој урбанистички план и нема да имаме на секоја седница вакви легализации, но ги разбирам и граѓаните бидејќи генералниот урбанистички план не е ревидиран веќе 20 години“ вели советникот од СДСМ, Петар Николовски.

Инаку на секоја седницата на Советот на Општина Битола скоро половина од точките на дневен ред се за планските урбанистички документации.











