Колку јавните претпријатија се транспаретни и отчетни? За оваа тема решивме да зборуваме со раководното лице на јавното претпријатие „Стрежево“, еден од големите стратешки објекти за регионот и секако држвата. И личната карта на ова претпријатие е дел од транспарентноста.

Основано 1978 година, сега јавно претпријатие, претходно Хидро систем „Стрежево“. Основна цел за изградбата на овој стратешки објект беше и е прибирање, акумулирање и испорака на вода.

Прибирање вода од пелистерското сливно подрачје и испорака на вода за земјоделието на 20 илјади хектари површини, потоа вода за водокорисниците за Битола, Могила и Новаци, како и за РЕК Битола.
„Стрежево“ има и хидроцентрали за двојно искористување на водата и за наводнување и за производство на електрична енергија од малите хироцентрали.
„Капацитетот на акумулацијата е 120 милиони метри кубни вода, од кои сега последните години можеме да кажеме дека некаде 15-20 милиони метри кубни вода се мртов простор, каде што со искористувањето на водата во изминатите години, но мое мислење е дека 100 милиони метри кубни вода е испорачана вода во било кое време од годината за потребите на водокорисниците“ вели директорот на „Стрежево“, Менде Граматковски.

Ова е јавно претпријатие чиј основач е Владата. На хартија ова претпријатие се води како загубар, а тоа произлегува од амортизацијата, но сепак билансот на успехот е позитивен.
„Кога ќе ја трнеме настрана амортизацијата како пресметковна единица, ја завршува со позитивни биланси. 2022 е најдобрата година од основањето на претпријатието бидејќи приходите беа на највисоко ниво во споредба и со 2021 година. Исто така и трошоците, со оглед дека беше економска и енергетска криза, трошоците ги ставивме на најниско ниво и можам да кажам дека ја завршивме со приходи поголеми од расходите за 28 милиони денари и ако тука ги ставиме и трошоците кои што ги исплативме кон ЗК Пелагонија за пресуда од 2015 година, билансот на успехот на претпријатието ќе беше повеќе и од 90 милиони денари“ вели тој.

Владата, како другите институции и нив ги задолжи да бидат транспарентни.
„Со моето доаѓање на чело на претпријатието во 2017 година јас навистина се вложив целото работење на претпријатието да го ставам на веб страницата да можат сите граѓани да прочитаат. Иако владата ни препорачува за Законот за транспарентност при работењето пред се членот 10, јас и дополнително ставам податоци се со цел граѓаните и сите заинтересирани кои што сакаат да знаат во кој правец се движи претпријатието, ги ставаме на нашата веб страница. Ќе видите дека на нашата страница не е само првото тромесечие од 2023 година, таму се сите податоци од 2017 година наваму, како што се финансиските планови, извештаите за работа, инвестиционите програми и се она што е од работењето на претпријатието“ вели директорот на претпријатието.

Исто така на нивната веб страница се огласени и јавните набавки преку електронскиот систем, како и склучените договори со избраните економски оператори.

„Плановите за јавни набавки ги објавуваме и на нашата веб страница и на Бирото за јавни набавки. Секој тендер кој што ќе биде реализиран го објавуваме и на двете места, а таму ги има сите податоци за тендерската документација“, објаснува Граматковски.

Граматковски вели дека имаат и лице за информации кои се бараат согласно законот за пристап до информации.
„Лице за контакт за информации од јавен карактер имаме определено. На наштата интернет страница го има со име и презиме, има контакт телефон и маил адреса. Сите кои се обраќаат пред се новинарите, медиумите, невладини организации, сите барања кои што ќе ги достават било во пишана форма или електронски ние се трудиме на време да одговориме. Доколку материјалот е обемен, ќе побараме и дополнителни денови, но доколку материјалот е помал го испраќаме во зададениот рок, така што досега сме немале потреба да не одговориме на прашање за информација од јавен карактер. Мене ми е задоволство што некои невладини организации, кои што ја анализираат транспарентноста на претпријатието, каде што во извештаите нивни се гледа дека ЈП „Стрежево“ од година во година е на повисоко скалило од скалата за транспарентност на нивните анализи“ вели директорот на „Стрежево“.

Прашавме и за примената во пракса на Законот за заштита на укажувачите.
„Имаме определено лице, за тоа не има задолжено Владата, ние насоките и одлуките на Владата ги почитуваме, на нашата интернет страница го има и со име и презиме, со телефон, каде што можат укажувачите да достават секаква информација и да испратат информација за која сметаат дека треба да биде информирано тоа лице кое што е назначено од страна на раководното лице во претпријатието“ објаснува Граматковски.

Студијата за процена на состојбите за постапување по пријави на укажувачи, транспарентност и отчетност на јавните претпријатија во Република Северна Македонија е изработена во рамките на проектот „Поттикнување на овозможувачка средина за пријавување корупција во јавните претпријатија” кој го спроведува Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) во периодот од октомври 2022 година до септември 2023 година.












