ТЕРА

REKLAMA???

ИНФРАСТРУКТУРАТА КЛУЧНА ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ ВО БИТОЛА

„Поддршка на локалниот бизнис за развој на туризмот”, на оваа тема во Битола се одржа јавна трибина, што ја организираше Младинскиот културен центар во Битола по 11 ти пат, а во рамки на Европската недела на претприемништвото.

„ Годинешната тема е многу погодена од многу аспекти, прво од аспект на спротиставување на негативните демографски трендови и можност за насочување на младите да работат во област којашто не била многу застапена, а тоа е туризмот или претприемништвото во областа на туризмот. Битола е погодна локација за развој на туризмот, отсекогаш била крстопат на многу патишта и сметам дека за разлика од сите оние информатички претприемачки идеи, туризмот и сето она што туризмот го нуди, ќе биде еден силен поттик да и младите и повозрасните се обидат да инвестираат во оваа област и да понудат нешто што досега не било практика. Примерите со многу земји тоа го покажуваат дека претприемништвото во туризмот носи огромни резултати, нови работни места, но и успешни развиени бизниси за кратко време“, рече др.Сашо Додовски, директор на МКЦ.  

Општина Битола, традиционално и оваа година ја поддржа иницијативата на Младинскиот културен центар, за јавната дискусија каде главниот акцент е ставен на поддршката на локалниот бизнис за развој на туризмот, рече во своето обраќање пред присутните градоначалникот Тони Коњановски.

„Поддршката на претприемништвото, воведувањето на иновативен пристап во бизнисите и успешната реализација на бизнис идеите, се особено значајни за времето во кое живееме, за соодветно надминување на предизвиците со кои се соочуваме. Токму затоа, партнерскиот однос помеѓу општината, невладиниот сектор и бизнис секторот, мора постојано да се надградува, за да може да се постигнат одржливи и општествено корисни решенија, кои ќе донесат подобра иднина за нашиот град. Како локална самоуправа, ваквиот пристап го применуваме во секојдневното работење, преку поддршка на идеи и иницијативи од граѓани кои се однесуваат на различни сфери од нашата надлежност, а од неодамна и преку локалниот економско социјален совет, кој очекувам дека ќе значи и дополнителна стимулација за нови претприемачки идеи кои ќе се развиваат во Битола.Како општина, располагаме со големо културно историско, но и природно богатство, кое претставува вистинска атракција за туристи од сите страни на светот. Обврска на сите нивоа на власт е да ги преземеме потребните мерки за заштита и афирмација, да ги збогатиме со дополнителни содржини, соодветни на нивните карактеристики, а со тоа, сите општествени чинители заедно, да дадеме влог кон развојот на туризмот во Битола. Верувам дека нашиот придонес кон развој  на културниот туризам, поддршката на Националниот парк Пелистер, како и повеќе инфраструктурни проекти кои ги имплементираме, ќе бидат од значаен бенефит за локалните бизниси и развојот на туризмот во Битола. Ви посакувам добра дискусија од кој ќе произлезат нови идеи и можности“, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Инволвираните во оваа сфера рекоа дека Битола има голем потенцијал за развој на туризмот, кој што не е искористен доволно,  но дека со заедничка меѓусебна соработка може да се надминат проблемите и да се поттикне развојот на туризмот во градот и да се привлечат што поголем голем број на туристи.

„Ни недостигаат сегрегирани платформи за да се знае која е точната понуда на градот, различни содржини коишто ние како индивидуалци можи да ги обезбедиме преку нашите активности, но сепак тука е и општината затоа што имаме огромен потенцијал во планината, потенцијал за сијање, имаме антички град скоро во центарот на градот којшто не е доволно искористен, информации околу самата историја и понуда на градот, така што може да се направи еден убав пакет кој ние како индивидуални оператори, објекти , т.е туристички понудувачи на туристичката понуда ќе можиме да го искористиме за да ги угостиме посетителите“, рече  Филип Стојчевски од винаријата Чифлик.

 „Прво треба да се работи на начинот на размислување на народот и на угостителските работници  во Битола, треба да ги тргниме ситните индивидуални интереси и сите заедно да се заложиме да направиме едно заедничко општо добро за градот во областа на туризмот. Инфраструктурата е клучна за развој во регионот. Кај нас се движат многу туристи посебно во летниот период и мислам дека подобрувањето на влезовите во градот, а исто така и рекламирањето на градот на самите влезови ќе придонесе за драстично зголемување на бројот на туристи во текот на летната па и во зимската сезона“, рече  Никола Јошевски од ЈК Травел.

Настанот  традиционално МКЦ го организира како дел од програмата на општина Битола за одбележување на 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.