ТЕРА

REKLAMA???

ИНЦИДЕНТ ВО ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА

Битолската полиција информираше за инцидент што се случил во основно училиште во Битола.

На 15.05.2024 во СВР Битола, 48 годишно лице од Битола пријавило дека за време на настава во основно училиште во Битола, неговиот малолетен син бил физички нападнат од две лица родители на негов соученик.

Понатаму во соопштението на полицијата се вели дека истиот ден, 44 годишно лице од Битола, наставничка во истото одделение, пријавила дека за време на настава била физички нападната од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, стои во соопштението на полицијата.

Денеска од СВР Битола соопштија дека за еден од родителите кои учествувале во вчерашниот настан надлежен јавен обвинител определил мерка куќен притвор.

Во меѓувреме јавното обвинителство соопшти дека поведена е постапка за насилство во училиште во Битола.

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица – маж и жена кои се осомничени дека во група извршиле грубо насилство врз дете родено 2009 година, со што сториле кривично дело – Насилство согласно член 386 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Двајцата сопружници, на 15 мај, влегле во основно училиште во Битола, при што таткото физички ја оттурнал наставничката и директно нападнал еден од учениците, соученик на нивното дете, заканувајќи му се дека ќе го убие. Го фатил детето за уво, го стапнал на ногата и го тегнел, а за тоа време неговата сопруга ја држела наставничката за да не може да му помогне и да го одбрани ученикот. Со насилството двајцата предизвикале чувство на несигурност и вознемиреност кај другите ученици, кои од страв кога заминале осомничените барале наставничката да ги заклучи во училницата за да не се вратат.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување куќен притвор за осомничениот татко. Предлогот беше прифатен и на осомничениот му е определена притворска мерка, стои во соопштението на Јавното обвинителство.