ТЕРА

REKLAMA???

КАМПАЊАТА ЗА ПОДДРШКА НА ЗГРИЖУВАЧКИТЕ СЕМЕЈСТВА ВО БИТОЛА

Центарот за поддршка на згрижувачки семејства СОС Детско село, како имплементатор на проектот “Унапредување на системски недостатоци –Поддршка на реформите во системот за заштита на деца”, викендов на Плоштадот Магнолија, го организираше настанот насловен „Подај рака и промени живот! Стани згрижувач!“.

Целта на кампањата која започна од почетокот на месец јуни, е подигање на свеста за значењето на згрижувачките семејства и нивната улога во општеството.

На ниво на држава, воспоставени се три центри за поддршка на згрижувачки семејства, тоа се центрите при СОС Детско село, Детскиот дом „11 Октомври“ Скопје и Домот за доенчиња и мали деца во Битола.

-Да се запознаеме со граѓаните, да им објаснеме што значи згрижувањето, со крајна цел да го зголемиме бројот на згрижувачки семејства во битола кој засега е многу мал, изјави Јагода Насковска, центар за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село.

-Во Битола моментално имаме 4 семејства, и се надеваме дека преку оваа кампања која е само почеток во нашите напори да се доближи идејата за згрижување, ќе се зголеми бројот на згрижувачки семејства и во битола, вели Јасминка Кочанковска, центар за поддршка на згрижувачки семејства Битола.

И Центарот за социјални работи од Битола работи на зголемување на бројот на згрижувачки семејства.

-Досегашните згрижувачи се нашите херои во Битола, битолчани се познати по својата хуманост, а можат да ја изразат и на ваков начин, рече Лидија Ѓошевска, директор на ЦСР Битола.

Митра Ристевска од Битола е згрижувач веќе 15 години. Апелира до битолчани да помислат да згрижат дете, зашто ниедно дете не заслужува да остане без љубов.

-Искуството е како секоја мајка, го имаме и ние згрижувачите, го растеме, се радуваме, тагуваме. згрижувач значи до пред да го земеш, кога ќе го земиш исто е како да го родиш. дури и повеќе ќе го сакаш, затоа што знаеш дека на детето му треба помош и многу љубов, вели Митра Ристевска, згрижувач.

Министерката  за труд и социјална политика, ЈованаТренчевска се обрати до присутните и  се осврна на политиките и преземањето на конкретни активности, на Владата и министерството за труд и социјална политика, кои се во насока на  унапредувањето на детската заштита.

-Правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа им овозможува на децата развивање во здрави личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината. СОС Детско село во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, Центрите за поддршка на згрижувачките семејства, Центрите за социјална работа и локалната власт, месец јуни го посвети на згрижувачките семејства и нивната улога во општеството“ рече министерката Тренчевска.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека, развојот на социјалните услуги во локалната заедница и нивната достапност до граѓаните треба да биде постојана заедничка заложба, на сите релевантни субјекти кои делуваат во оваа област.

-Локалната самоуправа, преку активно делување во делот на своите надлежности, ќе даде свој придонес во идентификување на потенцијални згрижувачи кои ќе обезбедат грижа и заштита на децата и ќе овозможат одржување на врските со семејството, заедницата и културното потекло. Истовремено, се заложуваме за развој на систем на поддршка од други дополнителни социјални услуги кои понатаму ќе се усовршуваат и развиваат, согласно потребите на населението и граѓаните од овој град. Очекувам понатамошно успешно делување и постигнување на резултати кои имаат големо значење во надминување на недостатоците и унапредување на системот на заштита на децата, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Во моментот во државата има 327 згрижувачки семејства во кои се сместени вкупно 559 корисници.