По вчерашниот масакр во белградското училиште „Владислав Рибник“ што го изврши 13 годишен ученик кој со пиштол уби осум деца и чуварот на училиштето го вклучи алармот како во Србија така и кај нас. Секојдневно слушаме за булингот, за сајбер булингот, за различни форми на насилство меѓу врсниците, па се наметнува прашањето зошто едно дете почнува насилно да се однесува, кои деца се жртви и дали и како можат да се заштитат. Децата изложени на врсничко насилство се вообичаено омаловажени и социјално отфрлени, вели педогогот од ОУ Климент Охридски во Битола Анета Николовска.

„Врсничкото насилство (булинг – bullying) често започнува со поблага форма на префрлање/закачање на послабите/повлечени деца и тоа секогаш е насочено токму таму каде што детето е најслабо.Децата изложени на врсничко насилство се вообичаено омаловажени и социјално отфрлени, а трпат и некои форми на агресија од страна на еден или повеќе врсници“, вели таа.
Најчести облици на булинг се вербална агресија, социјална агресија, физичка агресија и сајбер булингот.
„Вербална агресија: потсмевање, именување со погрдни имиња, закани и слично; На овој вид вознемирување не му се дава премногу значење бидејќи обично се опишува како едноставни „детски работи“
-Социјална агресија: исклучување од разни активности; оговарање и ширење невистини, со што најдобрите пријатели на детето-жртва одеднаш го свртуваат грбот; пишување пораки по клупи/столчиња или графити; различни напади преку интернет/мобилен телефон и слично;
-Физичка агресија: подбутнување, хостилен говор на телото, заканувачки гестови, удирање, тепање и слично. При физичко малтретирање, малтретирањето обично не дејствува сам, бидејќи има и други деца кои се залагаат за повеќе да го удира.
Социјалното малтретирање не е добро познато малтретирање иако може да биде најкористено, вели Николовска. Тука станува збор на злоупотреба во која група деца се ставаат едни на други заради едноставниот факт на облекување поинаку или заради идеи кои не се слични на мнозинството. Потенцира дека социјалното малтретирање има тенденција да му нанесе голема емоционална штета на малтретираниот, бидејќи тие се чувствуваат исклучени и сами.
„Децата кои вршат врсничко насилство, најчесто имаат позитивен став спрема насилството и се убедени дека сите конфликти можат да ги решат на тој начин. Таквиот став може да биде последица од „учење по модел“ – во кругот на семејството или, едноставно, социјалното опкружување во кое детето расте или, пак, има доживеано искуства со претрпено насилство во семејството или во врсничката група“, вели Николовска.
Кога и каде детето да побара помош и дали го пријавуваат врсничкото насислтво?
„ Првите знаци дека се жртви, ќе ги покажат во домот со промени во однесувањето како ниска самодоверба и нерасположение, раздразливост, плачливист, осамување“, рече
Таа со апел до родителите и децата.
„Да разговараат со своите деца. Секоја промена кај своето дете да не ја занемаруваат, да разговараат, да се упатуваат до службите во училиштето и слободно да го искажат својот проблем. Истото ние им го кажуваме и на нашите ученици, слободно да разговараат и да кажат“, рече психологот Николовска.
Во спречување и решавање на проблемите со насилството меѓу децата, одговорни се возрасните. Родителите и училиштето ја имаат примарната одговорност и затоа е неопходно да се работи на оваа превенција.












