Познатиот пејач Дарио Панковски одбележа 40 години музичка кариера со ексклузивни концерти во Филхармонијата во организација на „Авалон продукција“. Концертите беа во придружба на неговиот некогашен бенд „Миг 21“, со кој ги сними првите два албуми во почетокот на 1990-ите. Еден од најпопуларните македонски поп пејачи, кој ја почна кариерата во групата „Бон-тон“, има објавено и четири соло албуми, како и еден во живо.
Дарио ја развесели публиката со својот енергичен настап и создаде атмосфера за паметење.

Мегапопуларните хитови како „Дупла вотка“, „Косоока“ и „Мајко моја роди ме“ се пееја на цел глас. Сите играа и се веселеа заедно со македонскиот поп-пејач.
Одлично звучеа песните со кои Дарио и придружниот бенд „Миг 21“ како низ музички времеплов ја вратија публиката назад во времето. Се редеа незаборавните хитови на Дарио „Мајко моја, роди ме“, „Зајди, јасно сонце“, „Ладна како камен“, „Косоока“, „Армија“, „Немам што да облечам“, „Кој чека, ќе дочека“, „Што е мое ќе си дојде“, „Дајте една народна“, најновата „Ракија“. Вистинско изненадување за сите присутни беше песната „Добрите девојки“, која во 1984 година, Дарио премиерно ја испеа со својот прв бенд – „Бонтон“.












