Реномираната пијанистка Марија Вршкова одржа концерт во Истанбул, Турција заедно со турската виолинистка Наз Ирем Туркмен. На програмата беа дела од Григ, Чајковски, Сарасаре и други композитори. Вршкова со младата виолинистка се запознале на интернационалниот натпревар „Охридски бисер“, минатото лето, во Охрид .

„Кога заврши натпреварот, нејзината мајка ме контактираше да се најдеме , и кога се видовме ми побара телефонски број, ми понуди соработка, а потоа и идејата за овој концерт во Истанбул. Ова ни е втор концерт во Турција, од кој еден од нив е во Бодрум, и нема да застанеме тука. Инаку , тие се едно прекрасно семејство, бабата е со потекло од Македонија , семејство какво што гледаме по турските серии“, ни изјави Вршкова. Овој концерт беше во рамките на фестивалот кој го организира Суреја операта.

За крај Вршкова ни изјави дека има огромна желба да ја донесе младата и талентирана виолинистка пред љубителите на класичната музика во Македонија .
„Еве апел до Битолско лето, за уште еден грандиозен млад уметник да биде донесен во Битола, да настапи пред битолската публика“. Инаку младата и талентирана виолинистка Наз Ирем Туркмен важи за една од најталентираните млади музичари во Турција. За тоа говорат и наградите Гран при и „Специјалната награда за исклучителна личност “ на меѓународниот натпревар за виолина во Одеса во 2018 година во Украина, прва награда на 12-тиот меѓународен натпревар за млади виолинисти Grumiaux во 2019 година во Белгија. Како најталентиран млад музичар во Турција добитник е на стипендија од иницијативата „Млади музичари на светските сцени“на Гихер и Сухер Пекинел, светски познатите пијанисти близнаци од Турција. Како дел од оваа стипендија, Наз исто така доби виолина од 18 век.
Марија Вршкова минатата година во рамките на 45.издание на Денови на македонска музика заедно со виолинистот Владимир Костов ја доби наградата „Георги Божиков“која Сојузот на композитори на Македонија ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година.
Неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Вршкова има посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистичкит ехники. Реализирала преку 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела, не само од македонски, туку и од странски автори. Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, ВеликаБританија, Украина, Италија, Бугарија, Русија,Америка, Бугарија,Србија, Австрија, Англија,Грција. Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали во Македонија како , Охридско Лето, ДММ, Златна лира, Есенски музички свечености. Марија Вршкова во моментот работи како доцент при ФМУ Скопје .












