Проблемот со уличните кучиња е повеќегодишен проблем, не само во Битола туку и во други градови од државата. Искрено се трудиме и сме отпочнати со решавање на проблемот, рече денеска градоначалникот на Битола Тони Коњановски, прашан за состојбата со уличните кучиња во градот.
„Во таа насока од буџетот на општината се издвоени 46 милиони денари. Во текот на утрешниот ден веќе почнува евалуацијата на повикот кој беше за изградба на прифатилиште за бездомни животни и во делот на таа прва фаза, односно изградба на надворешниот дел изградба на прифатилиштето, фактички ќе избереме еден оператор кој ќе отпочне со изградбата на објектот. Во меѓувреме знаете дека склучуваме договори со ветеринарните институции. 149 кучиња во изминатиот период беа заловени,прифатени,стерилизирани и маркирани, се прават тестови и за лајшманиоза и се она што е важно и потребно за превенција и ширење на заразните заболувања, меѓутоа и заштита на населението во тој домен. Секако во повикот кој го имаме сега треба да отпочне нов оператор, училиштата ќе бидат прв приоритет, затоа што навистина проблемот е долгогодишен, можеби не третиран повеќе години, меѓутоа велам дека само со заедничка заложба на повеќе фактори и мислам дека ќе изнајдеме трајни решенија кој нема да одат така лесно и брзо, но проблемот мора систематски да го решаваме, рече градоначалникот Коњановски.












