„Согласно, своите надлежности Министерството за внатрешни работи изврши надзор и контрола, при што констатирани се неправилности во однос на исполнување на услови за работа и целосно функционирање на центарот“, велат од МВР на прашаето околу Испитниот центар во Битола „Супер возач” за полагање на возачки испити, на чија што интернет страница пишува дека Испитниот центар нема да закажува и спроведува испити од 12 август до 13 септември 2025 година.
Понатаму велат од министерството дека согласно член 252 став 3 од ЗБСП, изречена е забрана за спроведување на возачки испит на кандидати за возачи во времетраење од 30 дена на горенаведеното правно лице и му се определува рок од 30 дена да ги отстрани утврдените недостатоци.
Инаку испитниот центар ги покрива подрачјата согласно организациските единици, односно Секторите за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи. Конкретниот испитен центар го покрива подрачјето на СВР Битола, односно градовите Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод.











