ТЕРА

REKLAMA???

ВЕБ АНКЕТА НА ТЕРА : ДОВЕРБАТА ВО БАНКИТЕ ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК

Речиси 79 проценти од учесниците во веб-анкетата на тера телевизија изразиле недоверба или загриженост за сигурноста на своите заштеди по случајот со алта банка. резултатите од интернет анкетата на тера тв покажуваат дека финансиската неизвесност не завршува со една банка, туку може да ја разниша довербата и во целиот банкарски систем.

На прашањето „Дали случајот со Алта банка ја разниша вашата доверба во банкарскиот систем во Македонија?“, 43,96 проценти од учесниците одговориле дека веќе немаат доверба во банките. Дополнителни 34,8 проценти велат дека сè уште веруваат во банкарскиот систем, но се грижат за сигурноста на своите заштеди. Само 21,24 проценти одговориле дека и понатаму имаат доверба во банките.

Овие бројки не се репрезентативен пресек на мислењето на сите граѓани, но се показател за расположението на оние што учествувале во анкетата.

 

Реакцијата не е изненадувачка, особено во Битола, град кој сè уште го памети колапсот на штедилницата ТАТ во 1997 година. За многу семејства, тоа не беше само финансиска загуба, туку и трајно нарушување на довербата во институциите што требаше да ги чуваат нивните пари.

Психолозите ваквата реакција ја објаснуваат со стравот од загуба: луѓето потешко ја прифаќаат можноста да ги загубат заштедите што ги создавале со години отколку што веруваат во уверувањата дека системот е стабилен. А кога еднаш ќе се појави сомнеж, тој лесно се пренесува и врз другите финансиски институции.

 

Сепак, важно е да се разликуваат проблемите на една банка од стабилноста на целиот банкарски систем. Во Македонија депозитите на физичките лица се осигурени до 30.000 евра во денарска противвредност по депонент, во една банка.

Резултатите од анкетата отвораат прашање што е поголемо од случајот со Алта банка: колку време и какви гаранции им се потребни на граѓаните за повторно да веруваат дека нивните заштеди се сигурни?

Бидејќи довербата во банките не се чува само со пари, туку и со транспарентност, одговорност и навремени информации.