ТЕРА

REKLAMA???

МИЦКОСКИ: ВЛАДАТА ВЕДНАШ ДА ГО ОБЈАВИ ПРЕДЛОГОТ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва побара од Владата веднаш да го објави модифицираниот француски предлог, кој според, информациите што имале, има само семантички промени, а сите бугарски барања биле дел и од овој нов предлог.

„Ако е толку добар овој предлог, тогаш Владата веднаш да го објави на нејзината веб-страница. Зошто го кријат? ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш, по ниту една цена, да прифати решение штетно за македонскиот народ и иднината. Можеме да споделиме дека врз основа на нашите информации се два модифицирани збора различни од претходниот предлог. Ако претходно имавме нокаут за македонската дипломатија, сега имаме нокаут со продолжено дејство. Нема никакви корекции. Бугарските барања се дел од овој модифициран предлог. Ова е дебакл, рече Мицкоски.

Тој ги повтори црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ.

„Црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се јасни. Нема да прифатиме ни во преговарачката рамка ни во кој било документ македонскиот јазик да биде нешто друго освен  македонски без фуснота, без условувања. Сето останато, вклучително и некакви си протоколи и Договор за добрососедство не може да биде дел од преговарачката рамка“, рече претседателот на опозициската партија.

Тој рече дека нема да прифати менување на Уставот се со цел за вметнување на бугарските барања во истиот.

„Македонија е единствената држава која наместо да преговара според копенхашките критериуми, таа преговара по бугарски диктат. Ние нема да прифатиме решение штетно за народот и за индината на македонскиот народ, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој тврди дека на владината седница не биле споделени информации за содржината на францускиот предлог на присутните членови на владата.

Мицкоски ги повика граѓаните и медиумите на будност и им порача да не веруваат на она што им го кажуваат туку на она што ќе го прочитаат, повторувајќи владата уште вечерва на својата интернет страница да го објави предлогот.