Министерството за образование и наука и Педагошката служба започнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за 5то одделение, во кој се констатирани низа грешки и нелогичности, кои секако, не смееја да се дозволат, информираат од министерството.

Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување.
Во време кога во Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. Сепак, учебниците се една од основите за квалитетен воспитно – образовен процес.
Потребен е максимален ангажман и одговорност од сите чинители кои учествуваат во процесот за градење на поквалитетен образовен систем во интерес на сегашните и идните генерации, а со тоа и во интерес на државата.
Од Министерството упатувија апел до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, да ја подигнат личната одговорност и посветеност, затоа што во овие прилично комплексни процеси, тоа од нив единствено и се очекува.
МОН се огласи откако вчера на социјалните мрежи почна да кружи лапсусот кој се најде во новиот учебник по Истрорија и општество за петто одделение, во кој е напишано дека највисокиот врв на светот Монт Еверест е висок 29 035 метри, наместо реалните 8 849 метри, денеска на повидок беше нова географска грешка во истиот учебник.

Во Тема 2 – „Населението и континентите“, во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.













