Зошто се менува трет пат развојната програма, беше едно од прашањата на денешната седница на Советот на Општина Битола, кога се разгледуваше таа точка.
На забелешките на советникот од СДСМ, Борче Корлевски, реплицираше координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски, кој како одгвовор кажа дека ги прелистал службените гласници кога Корлевски бил советник и во претходниот мандат.

„До месец август измената на развојните планови на програмата исто и тогаш имало три измени“ рече Бојкоски, велејки дека не треба да е спорно, оти таа е динамична категорија.
Корлевски возврати дека имале три измени на постојните работи.
„Сме имале 10 улици и 10 сме направиле, колку рековте дека имате 37? 97? Кажете ми каде имате 97 асфалтирани улици во Битола? 97 дупки немате закрпено“ рече Корлевски.

Корлевски, Бојкоски, Илиевска, Наумовска, беа советниците кои дискутираа за развојната програмата.
Советничката од СДСМ, Жаклина Наумовска зборуваше исто така за бројот на улици и за развојните програми од нивното и сегашното време.
„Ние ќе си обезбедевме пари па после работевме, ама вие очигледно сте навикнати на вересија да работите. И некој друг во иднина да ви ги плаќа вашите помпезни развојни програми“ рече Наумовска.

Совеничката од СДСМ, кажа и за гласањето на ребалансот на буџетот, кој беше на претходната седница, а кој беше усвоен со мнозинство гласови, односно и советници од левата страна гласаа за.
„А за ребалансот искрено да ви кажеме дека живи се изедовме што ви го поддржавме. Живи се изедовме, ама ви кажав јас зошто го поддржавме, ајде да видиме да не ви оставиме простор, бидејќи стално велите дека сите ние овде сме кочничари за развојот Битола“, рече Наумовска.
И така продолжи расправата на релација координаторот на ВМРО ДПМНЕ Бојкоски и двајцата советниците од СДСМ кои беа најактивни Корлевски и Наумовска. Останатите ја одмолчија ова точка.

На гласањето за програмата за измена и дополнување на програмата за развојни планови, 18 советници беа „за“, против беа 8 и 3 воздржани, со што точката беше усвоена.












