На денот кога се одбележуваат 77 години од постоењето на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), заеднички го изразија незадоволството од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба.

До Владата и до Собранието беа доставени барања:
· Да престане негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, директори, политичари
· Крај на агресивниот државен пи-ар
· Поддршка за колегите од внатрешноста во насока на изнаоѓање системско решение за квалитетна новинарска содржина и достоинствени плати
· Обезбедување услови за квалитетни професионални новинарски продукти, за традиционалните, но и за новите медиуми
· Имплементација на законите кои се важни во новинарската сфера, за обезбедување независно и функционално работење на јавниот сервис и регулаторот
· Брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите
На протестот пред Владата свое обраќање имаа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, претседателот на ССНМ Павле Беловски.

Пред Собранието на присутните медиумски работници им се обратија, Сенат Зулбеари потпретседател на ЗНМ, новинарите Сашка Цветковска, Душица Мрѓа, Славица Филиповска, Жанета Здравковска во име на регионалните центри на ЗНМ, Ведут Османи од секцијата на сниматели.












